Поранешниот в.д. градоначалник на Ѓорче Петров, познатиот сатиричар Васил Толевски останал без својот автомобил стар 20 години. Бил украден од неговиот двор во Ѓорче Петров. Вели дека најважно од сè му е да му ја вратат книгата која била оставена во автомобилот. Од автомобилот, вели тој, највредни се спомените што го врзуваат со него.
– Се замолува чесниот позајмувач на моето возило, старо 20 години и со поминати 170.000 км. (suzuki sk-181 ju- сиво/маслинеста боја), кое го позајми од мојот двор во Ѓорче Петров, барем да ми ја врати книгата што беше во фиоката – сатира и сатиричари од Ерих Кош. Ако си го растурил возилото за делови, барем не ја кини книгата. за писмени луѓе и таа има вредност. За „сузукито“, кое не вреди ни 800 евра, ме врзуваат емотивни спомени на ретките летувања со децата, на ракометните натпревари низ цела Македонија, изборите, литературните читања низ Балканот… затоа секое попладне го барам по паркиралиштата низ Ѓорче Петров. Толку можам да направам за мојот другар на четири тркала. Што ќе ти е книга синко?! Знам дека книги не читаш. Затоа врати ми ја – толку барем можеш да направиш. За позајмувањето на автомобилот, јас ти простувам. Биди здрав и жив – напиша некогашниот советник и градоначалник на својот профил на „Фејсбук“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.