Ниту четврток нема да ни донесе раат од врнежите. Претпладне е можна само ретка и локална појава на дожд, но попладне во поголем дел од земјата ќе биде нестабилно со локален дожд, грмежи и со засилен ветер. Централниот регион од земјата, има помали изгледи за врнежи. На места, во зоната на нестабилност ќе постојат услови за појава на краткотрајно невреме. Сепак, во споредба со вчера, денес ќе има послаби атмосферски процеси.
Според метеопро.мк, максимална температура околу 28°С се очекува во северната половина на земјата, околу 27°С во југозападниот регион. Најтопло ќе биде на југоисток, до 32°С.
Во Скопската Котлина се очекува променливо време со сончеви периоди, подолги претпладне. Попладне ќе се создадат услови за локален, конвективен развој на облачност, која ќе резултира со дожд и со грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 18°С, додека максималната вредност на температурата ќе достигне 29°С.
Во охридско–преспанскиот регион се очекува променливо време со сончеви периоди. Попладне и вечер, локално во овој регион ќе има услови за појава на дожд проследен со ветер и грмежи. Максималната дневна температура ќе достигне околу 26°С.
Дојран очекува променливо време со повремен дожд и грмежи. Максималната температура ќе достигне вредност околу 31°С.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



