| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски се сретна со еврокомесарот Филе

Премиерот Никола Груевски денеска во Владата се сретна со комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе

file gruevski
На средбата, како што соопшти владината прес-службата, беа реафирмирани посветеноста и заедничките интереси за надминување на предизвиците во согласност со принципите и јавно искажаните ставови.

– Беше истакната заложбата за реализација на европската интеграција на Република Македонија. Се изрази благодарност и задоволство од ангажманот и поддршката на Европската комисија за нашата европска агенда – се наведува во соопштението.

На средбата присуствуваа и известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, и поранешниот претседател на ЕП, Јиржи Бузек, директорот на Директоратот за проширување, Стефано Санино, министрите за надворешни и за внатрешни работи, Никола Поповски и Гордана Јанкулоска, како и шефот на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер.

Филе, Ховит и Бузек денеска во Скопје се среќаваат и со лидерите на СДСМ и на ДУИ, Бранко Црвенковски и Али Ахмети.

Предвидено е европските претставници да бидат примени и од шефот на државата Ѓорѓе Иванов.

Европската тројка повторно дојде во Македонија во обид да се стави крај на политичките несогласувања.

– Комесарот Филе оди во ПЈРМ во заедничка мисија со членовите на Европскиот парламент, Ховит и Бузек, за да се сретне со засегнатите страни и да придонесе да се најде начин како да се надмине сегашната политичка криза. Солуција на кризата ќе помогне да се создадат услови за извештајот кој ЕК го подготвува врз база на одлуката на земјите-членки за оваа пролет. Таа ќе креира услови за овој извештај да биде позитивен – истакна портпаролот на Филе, Петер Стано, вчера на официјалната прес-конференција во зградата на Европската комисија.

Како што е најавено, еврокомесарот Штефан Филе за денешните разговори со претставниците на власта и на опозицијата треба да информира на прес-конференцијата закажана за 13.30 часот во  Инфоцентарот на ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top