Луѓето со мутација на одреден ген можат да бидат склони кон самоубиство, а научниците открија тест кој би можел да ги открие потенцијалните самоубијци.
Научниците открија дека стресот предизвикува хемиска промена во генот кој се нарекува SKA2 и луѓето со самоубиствени тенденции имаат пониско ниво на тој ген. Па така, тест на крвта би им помогнал на докторите да го предвидат ризикот дали поединецот би можел да изврши самоубиство и да ја заштитат таа личност да не се повреди.
SKA2 генот се наоѓа во префронталниот кортекс на мозокот задолжен за спречување на негативните мисли и контрола на инпулсивното однесување. Доколку го нема тој ген, или е изменет, не доаѓа до намалување на стресот и негативните мисли, а тоа може да доведе до самоубиствени нагони.
„Денес, самоубиството е голем проблем и докторите до сега беа блокирани во напорите за превенција бидејќи немаа добар начин за да го предвидат постоењето на ризик кај личностите кои се склони кон тоа. Со овој нов тест, можеби ќе можеме да ја намалиме стапката на самоубиства, така што однапред ќе ги идентификуваме тие луѓе и ќе интервенираме на време за да спречиме некоја катастрофа“, вели професорот Закари Камински од Универзитетот Џонс Хопкинс.
Експертите дојдоа до ова откритие со споредба на мутациите на генот SKA2 во примероците од мозок на ментално болните луѓе кои се самоубиле, со примероци од здрави луѓе. Така воочиле дека нивото на SKA2 генот било значајно пониско кај луѓето кои си го одзеле животот, како и тоа дека кај него постоеле значајни мутации кои го промениле начинот на неговото функционирање.
Според експертите, тестот на крвта е 80 отсто сигурен кај личностите со помала мутација на генот и 90 отсто кај оние со поголем ризик за самоубиство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



