И покрај лошото време, на Дубровник не му фалат интересни случувања по кои ќе се памети летово. Еден од таквите настани се случил вчера по улиците на градот кога четворица млади Германци, како од мајка родени, ноншалантно се прошетале по Страдун.
Полицијата, според тврдењата на очевидци за хрватските медиуми, добила информација дека четворица голи мажи се шетаат по улицата кнез Дамјан Јуда во која дошле од Портата, каде што се капеле. Откако прошетале крај катедралата, речиси се судриле со полициска патрола по што момчињата се дале во трка низ улиците. По неколкуминутната брканица на полицајците и голите туристи, конечно биле фатени и сместени во „марица“. Бројните туристи и локалното население биле вчудовидени кога ги забележале момчињата кои си се забавувале и смееле без никакви проблеми.
Дури и по апсењето не ја загубиле смислата за хумор, (а можеби и не се шегувале) кога еден од нив на полицаецот му се обратил со зборовите:
– Внимавајте, јас сум Германец!
Неговиот другар, пак, предложил да ги пуштат за да се искапат уште еднаш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




