| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Кога и да блокира СДСМ, Самарас се радува

милососки

 Екс министерот за надворешни работи, а сега пратеник, Антонио Милошоски во моментов кај Атина препознава спремност само за рутинско продолжување на преговорите, но не и за суштински исчекор за надминување на грчко-македонскиот спор. Во интервју за Прес24, вели дека таквата состојба ќе потрае, особено што Грција и овој пат ќе ја искористи сосптвената внатрешна криза како алиби дека сега не е време за решавање на ова прашање.

-Ако во нешто е мајстор, тогаш Грција е мајстор во создавање на изговори и теории на заговор. Овој пат очекувам како одлични изговори за одолговлекување на решението и на грчко-македонскиот спор и на кипарскиот проблем да бидат искористени грчката актуелна финансиска криза и политичката криза во најава. Имено, во Август и Септември грчкиот парламент треба да усвои дополнителен пакет на економски давачки кои ќе ги оптоварат граѓаните, треба да се отпуштат од работа околу 7.000 државни чиновници и треба да се намалат буџетските расходи, доколку Грција сака во Октомври оваа година да добие уште една милијарда евра заем од Европската централна банка, што и е повеќе од потребна за социјалниот мир – вели Милошоски за Прес24.

-Грција е незгоден парнер за преговори, земја која лукаво ја користи својата предност со членството во ЕУ и НАТО и една од ретките земји во рамките на ЕУ која е позната во надворешната политика по тоа што често влече потези кои се некоординирани со останатите партнери во Евро-атланскиот клуб. Грција лесно создава билатерални проблеми, а тешко ги решава, подочува екс министерот за надворешни, објаснувајќи ја надворешната политика на Грција.

Милошоски очекува нов предлог на Нимиц, кон крајот на годината, но само во функиција на политичките состојби кои се случуваат, без каков било напредок. За засилената улога на Германија вели дека е добра, но изјавата на Меркел сама по себе не значи и решение.

-Берлин нема магично стапче со кое што овој 20 годишен спор би го решил за 20 дена, но на краток или среден рок има ресурси кои можат да бидат од голема помош за надминување на ова статус кво со Грција – вели Милошоски во интервјуто за Прес24.

Милошоски коментирајќи ја изјавата на медијаторот за идентитетот, вели дека тоа е изјава на политичар со големо дипломатско искуство.

-Реалноста е следнава, македонската страна ниту преговара, ниту има намера да преговара за идентитетските обележја на македонскиот народ, јазик и култура. Но, грчката страна отсекогаш имала скриена цел спорот со уставното име да го искористи за модификација на македонскиот национален идентитет, идентитет кој и пречи на Атина заради нивната табу-тема поврзана со непризнавањето на македонското етничко малцинство во Грција. После дрската националистичка изјава на Самарас во Европскиот Парламент дека македонскиот јазик не постои, ваквата намера на Грција е и сосема разголена. На Нимиц овие околности му се јасни како бел ден, но сепак како дипломат, тој се обидува да бара некоја средна линија на движење во неговото посредување. Тоа на моменти, преку притисоците на Грција,  резултираше и со негови формални или неформални предлози кои предвидуваа модификации на македонскиот идентитетски код, но истите без двоумење беа отфрлени од македонска страна, вели за Прес24, Милошски.

Во интервјуто одговара и на обвинувањата на опозицијата дека акуелната власт е таа која ги внела идентитетските прашања во преговите со Грција.

-Некои опозиционери веројатно имаат кратко помнење, бидејќи човекот кој го измисли грчко-македонскиот спор, човекот кој во целата своја политичка кариера го оспорува македонскиот јазик и идентитет се вика Андонис Самарас и тоа го прави од 1992 година, кога ниту Груевски, ниту Милошоски, ниту Шеќеринска не биле дел од владата на Република Македонија. Затоа, тврдењата на некои опозиционери дека Грција ги наметнала преговорите за идентитетот од 2006та наваму имаат само за цел овој непринципиелен грчки став да го претстават како последица на, според СДСМ, погрешните политики на владата на Груевски кон Грција во овој период. Со ваквите тези СДСМ не постигнува ништо, освен што им помага на грчките дипломати во нивната работна задача да ја обвинуваат македонската влада за нерешавањето на спорот за името – вели Милошовски за Прес24

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top