
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев во негово лично име и во името на СДСМ, на сите граѓани на Република Македонија им го честита одбележувањето од 111 години од Илинденското востание и 70 години од првото заседание на АСНОМ.
„Овој свет датум е вечен потсетник на темелите на македонската државност. Денеска им оддаваме почит на нашите херои кои го дале својот живот за слободна и независна Македонија, дом за сите граѓани кои живеат тука.
Денес, повеќе од кога и да е, имаме потреба да ја вратиме слободата на духот, креативната движечка сила која единствено носи напред. Слободата и идејата по која копнееле и се бореле илинденците, годинава, на 70 годишнината од АСНОМ, да ја насочиме кон создавање општество на слободни граѓани кои без разлика на својата верска и национална припадност, ќе разменуваат идеи, мисли и визии и со тоа ќе градат подобро утре, за што сонувале и предците, а го заслужуваат нашите поколенија.
Денешниот ден нека не биде само бележник, туку и мотив, сите да се свртиме кон заедничка иднина, достоинствен дом во кој има место за сите.
Нека ни е честит големиот празник Илинден со надеж дека Македонија конечно ќе успее да направи исчекор интегрирајќи се во евро–атлантските асоцијации што ќе придонесе на поквалитетен живот на сите граѓани чиј дом е Македонија“, гласи честитката од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


