Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов во интервју за Дневникот на МТВ говореше за новите колекционерски монети на НБРМ, но и за состојбата во македонската економија
Гувернере, дали овие монети засега ќе ги има само на европскиот пазар?
Најголемиот дел од монетите се продаваат таму, меѓутоа ние одвоивме одредена количина, по 50 примероци од секоја за македoнскиот пазар.
Со ова ќе се промовира и Македонија надвор?
Секако. Тоа е една од основните цели на оваа активност.
Главен двигател на економијата е извозниот сектор, токму во слободните економски зони. Токму во нив работат и странските компании. Дали може да се очекува со зголемувањето на инвестициите да расте и оваа бројка?
Да, тоа ние го очекуваме. Во првите шест месеци извозот расте со стапка од 12 проценти. Во нашите проекции за наредните години предвидуваме пораст на извозот и намалување на трговскиот дефицит, што е многу битно. На долг рок веќе гледаме намалување на трговскиот дефицит како резултат на се поголемиот број на извозни капацитети во земјава.
Домашната економија закрепнува. Како очекувате да расте бруто-домашниот производ до крајот на годината?
Остварувањето на БДП во првиот квартал беше 3,9 отсто, што беше над нашите очекувања. За целата година ние предвидувавме 3,7 отсто, а сеуште стоиме на таа проекција, меѓутоа ќе видиме. Движењата и во вториот квартал се доста поволни, така што продолжува оној тренд за закрепнување на македонската економија, а секако на нашиот оптимизам се додаваат и позитивните движења во европската економија, каде што закрепнувањето исто така тече според предвидувањата.
Рековте дека денарот е стабилен, како се движи јавниот долг, дали е загрижувачки или е во нормала?
Деновиве сме сведоци на доста дискусии околу јавниот долг, ако ги тргнеме тие политички примеси од тие дискусии треба да имаме во предвид дека во бројките со коишто се манипулира има и околу 800 милиони евра коишто се обврски на Народната банка, односно на монетарната власт. Ова се обврски по основ на инструментите на монетарната политика и по основ на инструментите на управување со девизните резерви. Значи тоа е долг којшто не е на владата, тоа не е ниту долг, тоа се обврски на монетарната политика и за управувањето со девизните резерви. Тие средства Народната банка ги има на својата сметка и може уште денес да ги исплати, меѓутоа тоа не е целта, тоа е смислата на постоењето на Народната банка, да води монетарна политика. Бројките за јавниот долг, она што е важно е дека колку што е понизок буџетскиот дефицит и колку е понизок јавниот долг толку е поповолен амбиентот за монетарната политика. Но, буџетот е основниот инструмент на владините политики, она што ние како монетарна политика можеме да го направиме е да ја одржиме стабилноста на цените преку стабилноста на девизниот курс и монетарната политика има инструменти, има моќ да ја одржи рамнотежата во македонската економија.
Какво е салдото на девизните резерви и како се движи инфлацијата?
Девизните резерви се зголемуваат не само поради приливот на еврообврзницата туку деновиве откупивме доста девизи на девизниот пазар, така што се оствaруваат нашите очекувања дека во јули веќе ќе почнат позитивните трендови на девизниот пазар и растот на девизните резерви. Моментално тие изнесуваат околу 2 милијарди и 370 милијарди долари
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



