Поп-културата никогаш немаше да биде тоа што е ако не постоеја „Битлси“, „Ролингстоунс“ и „Монти Пајтон“. Тие се обележјата на британскиот поп од крајот на 60-тите години на минатиот век. Тоа што е „Битлси“ за рокенролот, според многумина тоа е „Монти Пајтон“ за хуморот.
Настан број еден оваа година беше обединувањето на дружината „Монти Пајтон“, која по 40 години повторно имаше настап во живо, во арената „О2“ во Лондон, а нивниот последен перформанс можеше да се проследи во 1.800 киносали во светот, меѓу кои и во скопското кино „Синаплекс“.
Кога во ноември минатата година беше објавено дека групата комичари „Монти Пајтон“ повторно ќе настапуваат, беше потребно помалку од една минута за да се распродадат сите влезници за првото шоу.
Директниот пренос од прес-конференцијата, на која беше соопштено дека по 40 години тие повторно ќе настапат во живо во источен Лондон, го следеа пет милиони луѓе. Тоа само говори за тоа колкаво е интересирањето за нивното појавување.

Од први јули дури 200 илјади обожаватели дојдоа во арената „О2“ во источен Лондон за во живо да ги гледаат луѓето што од крајот на 60-тите години, па сѐ до 80-тите години го засмејуваа светот. По смртта на Грејам Чепмен во 1989 година, останатите членови од дружината – Џон Клиз, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Пејлин – заедно настапуваа само повремено. Секој од нив имаше и соло-кариера.
Тери Гилијам беше успешен како филмски режисер. Создаде повеќе филмови, а еден од нив е и „12 мајмуни“ со Брус Вилис и со Бред Пит во главните улоги. Останатите членови работеа како актери, сценаристи и водители. Џон Клиз, на пример, се појавуваше во серијата филмови за најпознатиот агент на светот, Џејмс Бонд. Тој ја толкуваше улогата на Ер, асистентот на Кју, кој го снабдува познатиот агент со најнова технологија.

Љутков: Нивниот хумор е уникатен
Актерот Зоран Љутков е еден од љубителите на хуморот на „Монти Пајтон“. Тој смета дека еден ден ќе дојде време кога за хуморот на оваа група ќе се учи и на факултет.
– Кога работиме некоја сцена, ние актерите знаеме да кажеме, „е, ова го изработи многу монтипајтоновски“. Значи, ги земаме за пример. Верувам дека еден ден за нив ќе се учи и на Академијата и тие ќе влезат во учебниците – вели Љутков.
Според него, „Монти Пајтон“ се многу уникатни во тоа што го работат.
– Исто како што е уникатен хуморот на Мистер Бин и на Чарли Чаплин, така е и со хуморот на „Монти Пајтон“. Сите тие се раритетни појави кои не можат да се имитираат. Тие нудат уникатен, интелигентен хумор, кој, можеби, за нас актерите е најтежок за глумење – вели Љутков.
Катерина и Никола во живо ги гледаа монтипајтоновци
Катерина Милчевска и Никола Трајков е македонската двојка што неколку години живее и работи во Лондон. И двајцата се големи љубители на хуморот на „Монти Пајтон“.
Да можеш да одиш на таков вид настан е причина зошто се живее во Лондон. Кога присуствуваш на таков настан во живо, си велиш дека високите сметки, кириите и скапиот живот во Лондон имаат смисла, вели Милчевска.
Нивната приказна е уште поинтересна бидејќи настапот во живо го гледале со билети што им ги подарила двојка што првпат ја виделе во живот.
– Тоа беше нивното претпоследно шоу. Отидовме онака, на среќа. Си рековме, можеби ќе најдеме од поевтините карти. Една пријателка ни рече дека нашла за 25 фунти, што е суперцена бидејќи најчесто остануваат поскапи билети, кои чинат и по 150 фунти. Кога стигнавме на касата, најевтината карта чинеше 120 фунти, што за нас беше прескапо. Си рековме, ајде да прошетаме, можеби некој има вишок карта. Тогаш ја здогледав двојката што држеше в рака две карти, како за продавање. Им пријдов и ги прашав каков им е планот со билетите, а тие ми одговорија: „За вас се, бесплатно!“ Јас и Никола бевме пресреќни. Потоа заедно со нив ја следевме претставата во арената „О2“. Тие беа туристи од Германија, дојдени на два дена во Лондон. Преку „И-беј“ нарачале влезници за шоуто. Но, билетите не им стигнеле навреме во Германија, па пријателот од Лондон им рекол дека влезниците ќе ги чекаат на билетарницата. Но, наместо две, ги чекале четири. Така ние добивме влезници, стекнавме нови пријатели од Германија и уживавме во шоуто – раскажува Милчевска.
Арената „О2“ има капацитет од 50 илјади седишта. Таму се одржуваа натпреварите во атлетика за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон 2012 година. Иако тоа бил претпоследниот настап на монтипајтоновци, арената била преполна.
– Навистина е доживување да ги видиш во живо. Иако имаат по 70 години и повеќе, тие се во одлична кондиција. Да, стари се, се заморуваат на сцена, но се трудеа, пееја, играа, скокаа, висеа на јаже – вели Милчевска.

Почетоците на „Монти Пајтон“
„Монти Пајтон“ е група составена од британските комичари Греам Чепмен, Џон Клиз, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Палин. Тие се собираат по повод снимањето на серијата „Летачкиот циркус на Монти Пајтон“, а заедно снимаат и четири долгометражни филма, неколку музички албуми и низа театарски претстави.
Почетоците на „Монти Пајтон“ се во времето кога членовите на групата уште студираат на „Оксфорд“ и на „Кембриџ“. Првата серија е емитувана на 5 октомври 1969 година на „Би-Би-Си“.
Во 2005 година тројца од нив се избрани меѓу 50-те најголеми комичари на сите времиња. Изборот го правеле колегите-комичари. Џон Клиз е втор, веднаш зад Питер Кук, Ајдл е на 21. место, а Палин е на 30. место.
Серијата трае четири сезони, а неколку членови признаваат дека на крајот на емитувањето на серијата имало тензии меѓу неколку членови на групата. Чепмен во тоа време бил алкохоличар и Клиз велеле дека било невозможно да се работи со него. Клиз се повлекол и последната сезона минала без него. Емитувани се вкупно 45 епизоди, а последната е прикажана во 1974 година, кога и формално завршува „Летачкиот циркус“.
Во 1971 година снимија збирка скечеви под името „А, сега нешто сосема поинакво“. Четири години подоцна го снимија филмот „Монти Пајтон и светиот грал“, кој ја обработува легендата за кралот Артур, кој, според оценките на гледачите, е 52. најдобар филм на сите времиња. Потоа следуваат „Житието на Брајан“, филм за еден несуден пророк во времето на Исус, а последниот филм на монтипајтоновците е „Смислата на животот“.
Серијата е многу популарна и е една од највлијателните хумористични серии во историјата. Долгометражните филмови стануваат култни и денес имаат огромен број обожаватели низ светот. Влијанието на групата во светот на комедијата се споредува со влијанието на „Битлси“ во светот на музиката. Сите членови на овој легендарен рок-бенд биле обожаватели на „Монти Пајтон“.
Нивниот хумор е незаменлив. Првото правило е – ништо не е свето. Ниту полицијата, ниту националните карактеристи, ниту телевизијата. Тие отсекогаш нуделе радикална форма на забава на која никој не останува рамнодушен. Интелигентен хумор, кој во тоа време беше револуционерен, пред сѐ во користењето апсурдни сцени. Тие комбинираат гротеска со филозофско-историски односи. И на последното шоу тие ги одушевија сите обожаватели и потсетија на најдобрите денови, и со тоа го оправдаа очекувањето на публиката која беше желна за вистински, суров, монтипајтоновски хумор.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 99. број на неделникот „Република“, 25.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


