| четврток, 6 декември 2018 |

Мега инвестиција: Модернизираната ХЕ „Вруток“ ќе работи поефикасно и подолго

vrutok-3500
Заврши мегазафатот ревитализација на хидроелектраните-втора фаза, инвестиција вредна 36,6 милиони евра.Вчера беше означено заокружување на инвестицискиот мегазафат на еден од најсложените енергетски проекти некогаш изведени во Република Македонија-ревитализацијата на хидроелектраните – втора фаза и е пуштена во производство модернизираната најголема хидроелектрана „Вруток“. Проектот за ревитализација на хидроелектраните на ЕЛЕМ, во сиот свој обем вреден 36,6 милиони евра што почна во февруари лани, ќе обезбеди продолжување на животниот век на големите хидропотенцијали и нивните придружни градежни објекти, како и зголемување на нивната сигурност и доверливост. Во целиот процес целосно е завршена замената на застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема.

Исто така, зголемена е и инсталираната моќност за дополнителни 18,31 МW како и годишното производство на електрична енергија за околу 50 GWh.

vrutok-2500

Токму модернизацијата на хидроелектраната „Вруток“, е еден од најзначајните сегменти од проектот за ревитализација на хидроелектраните-втора фаза. Во изминатите година и половина сите четири агрегати се целосно ревитализирани, а техничките зафати врз последниот агрегат беа завршени минатиот месец. Инсталираната моќност на четирите ревитализирани агрегати е зголемена од 37,5 MW на 41,4 MW или 4 MW по агрегат. Откако успешно ги помина сите потребни тестови, вчера и официјално е ставена со сиот свој расположлив капацитет на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија.

vrutok500

Придобивките од ревитализацијата на генераторите во ХЕ Вруток се зголемување на инсталираната моќност на хидроелектраната од 150 MW на 166 MW со речиси иста потрошувачка на вода по агрегат, потоа зголемување на нивната ефикасност, зголемување на доверливоста на системот, како и продолжување на работниот век за наредните три децении.vrutok-1500

Паралелно со пуштањето во работа на четирите генератори од ХЕ Вруток, заменети и пуштени во работа се четирите блок трансформатори. И во ХЕ Равен што се наоѓа во близина на Вруток се заменети трите блок трансформатори со нови 9MVA трансформатори. Во однос на активностите поврзани со Мавровските хидроелектрани заврши надвишувањето на браната Леуново, што овозможи зголемување на акумулацијата на Мавровското Езеро и можност за прифаќање дополнителни над 32 милиони кубици вода, односно дополнителни 50 гигаватчаса електрична енергија.

Завршена е и реконструкцијата на Речкиот и Шарскиот канал, со што евентуалните загуби на вода од овие објекти се сведени на минимум. И во двата канали санирани се детектираните оштетувања и отстранети се потенцијално критичните места од евентуалното лизгање на земјиштето со што е подобрена сигурноста на каналот за наредните пет децении. Со овие зафати практично ќе се заштити локалното население од потенцијалните ризици при лизгање на земјиштето. Со проектот е изработен нов армирано бетонски канал на најоштетените делници од доводот во вкупна должина од 510 метри, а истовремено на овие делници како и на две дополнителни делници се изработени дренажи за зафаќање на подземните води кои предизвикуваа или можеа да предизвикаат свлекување на земјиштето.

Извршена е и санација на Толјанскиот тунел на најкритичните делници. Со овој зафат значително се зголеми сигурноста на самиот тунел, а истовремено се намалија загубите на вода низ објектот. Во рамките на проектот инсталирана е дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти. Ревитализирана е инјекционата завеса на браната на ХЕЦ Шпилје, а заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните Маврово, Глобочица, Шпилје, Тиквеш, Козјак и Св.Петка.

-Токму овој огромен зафат врз постојните хидроелектрани на АД ЕЛЕМ е пример дека квалитетното одржување на постојните производни капацитети е еднакво важно, како и изградбата на нови електрани. Новите параметри и перформанси добиени како резултат на ревитализацијата во изминатите 18 месеци, се доволен показател за одлично завршена работа. Ние секако продолжуваме со изградба на нови објекти, но истовремено ќе направиме се’ што можеме, веке постојните капацитети да ги одржиме во солидна кондиција, не само за сегашните, туку и за идните генерации- изјави Дејан Бошковски , генерален директор на АД ЕЛЕМ,на вчерачниот настан во ХЕ Вруток.

Во однос на финансиските средства за овој проект, 27,1 милиони евра се обезбедени преку заем од германската KfW Банка, додека останатите 9,5 милиони евра се сопствени средства на АД „Електрани на Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top