| четврток, 6 декември 2018 |

Далноводот Вруток-Полог-Тетово почна да се гради

Во атарот на село Брвеница започна изградбата на последната делница од двосистемскиот 110 киловолтен далновод Вруток-Полог-Тетово. Во оваа фаза ќе бидат изградени 38 столбови, од кои 23 веќе се градат. Изградбата на целиот далновод во должина од 33 километри на кој ќе има поставено 133 челично-решеткасти столбови ќе чини 3 милиони евра. Работите се очекува да завршат до септември оваа година.

„Во изминативе години Полошкиот регион, а особено Тетово честопати, пред се’ во зимскиот период се соочуваше се слаб квалитет и чести прекини на електричната енергија токму поради стариот и дотраен далновод од хидроцентралите во Вруток до Тетово. Со изградба на овој двосистемски далновод двојно ќе се зголеми капацитетот на преносот на електричната енергија од досегашниот стандарден вод и ќе се реши прашањето за снабдување со електрична енергија за полошкиот регион во наредните десетина години“, рече министерот за економија, Ваљон Сарачини кој заедно со претставници на МЕПСО го посети местото на изградбата.

Освен ова, од МЕПСО најавуваат и почеток на изградба на нов 110 киловолтен далновод.

„Со цел да се подобрат напонските прилики во целиот овој регион се формира еден прстен, па затоа ќе започне реконструкција и на далноводот Скопје-Југохром-Тетово во должина од 48 километри. Овој зафат ќе чини 3,2 милиони евра, а се очекува да започне во средината на април годинава“, рече Синиша Спасов, директор на МЕПСО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top