Имено, еден од најупотребуваните извори се дневниците на македонските револуционери. Нивната вредност е огромна, со мноштво позитивни аспекти. Имено, тие претставуваат најрелевантен доказ за случувањата во текот на востанието бидејќи биле пишувано во моментот кога истото се случувало, за разлика, на пример, од спомените кои се пишувани подоцна и, пред сè, се базирани на сеќавања, во кои има редица субјективни околности. За таа цел во овој текст ќе претставиме само мал дел од дневниците на македонските револуционери, со цел македонската јавност изворно да се запознае со случувањата за време на илинденската епопеја.

Еден од водачите на востанието во костурската околија бил Васил Чакаларов, кој со својата храброст, воени способност и авторитет прераснал во идол не само меѓу македонското население во Костурско, туку, општо, во цела Македонија. Во својот дневник В. Чакаларов на следниов начин го опишал првиот ден од почетокот на востанието:
20 јули (2 август), недела – Дреновски Осој
Од рано наутро дојде Лико Лекаров и ни донесе едно окружно писмо од штабот, во кое ни пишуваа за денот на востанието. За наше големо чудење, видовме дека ни пишуваат дека ноќта спроти 21 јули (значи вечерва!) се објавува востание во цела Македонија. Тоа многу нè зачуди и нè изненади зашто не допушта никакво време за да ги направиме нужните распоредувања.
Како и да е, се зафативме со распоредувањата. Решивме да пратиме во Костур по двајца луѓе во неколку анови и во четири часот по полноќ да ги потпалат аништата. Го испративме Ванета Москов во Д’мбени да го земе Лазо Поповски и да одат во анот на Колето Гебрешко да го запалат неговиот ан. На Дичо Дреновчарот анот, го задолживме едно момче од Кономлади, Мано и дедо Димо Попов од Дреновени, во анот на Алекси го испративме четникот Насо Бапчорски и заедно со Насо Поп Николов да го запалат. А жупанишчани некои други, а апоскепени други аништа, додека ние да се приближиме, да ги нападнеме шаторите, та со тоа да го одвлечеме вниманието на правителството и да создадеме збрканост и страв. Испративме луѓе во Д’мбени и во Жупаништа, пративме писма преку Липо Лекаров во Смрдеш, преку Поп Киров во Косинец и В’мбел, Врбник, за да ги пресечат телефонските жици, испративме едно кратко окружно писмо со кое го објавуваме востанието. Вечерта се разделивме со Митровата чета (четата на Митре Влашето, б.н.) и заминавме за Апоскеп. Тука вечеравме, а Розов замина накај Загоричани, Кљашев накај Блаца, а ние со Лазар Поп Трајков и со Поповата чета (четата на Иван Попов, б.н.) и со Стерјовата чета (четата на Стерјо Стерјовски) тргнавме накај Костур. Се сретнавме со жупанишчани на определеното место. Часот веќе беше 6, а Костур уште не пламна!
Апоскепани не стигнаа да одат во Костур. Малку остана Турците да ги уловат и со триста маки избегале! Бапчорени, и тие не пристигнаа навремено. Остануваше да се надеваме во Ванчето Москов и во дедо Димо, но не знаеме што им се случи и на нив. Така или инаку, но факт е дека ништо не стана во Костур. Жупанишчани ни кажаа дека околу 100 аскери биле околу жупаничките лозја. Во Шестеово имаше други аскери, а додека стигнеме на местото, ни требаше уште еден час и така не ни остануваше време зашто скоро ќе осамнеше. Освен тоа, каква корист ако одиме и истреламе неколку залпа? Затоа решивме да се врниме и се собравме на Апоскепската Планина, кај „Мелимите“.
Окружното писмо преку кое се објавувало Илинденското востание во Костурско, а кое во својот дневник го споменува Чакаларов и кое било препишано во стотина примероци, гласи:
„Востанието е објавено денес. Македонија е во отворена борба со тиранинот. Отаде Вич борбата почна денес наутро. Ги каниме сите што можат да носат оружје, според направениот ред, да влезат во редовите на борците! Да живее автономна Македонија! Да живеат борците!“
Вториот пример што ќе го претставиме во овој текст е исповед на востаникот Панајот Наумов Робев од селото Апоскеп (Костурско). Делови од неговиот дневник се објавени во книгата „Дневници и спомени за Илинденското-преображенско востание“, издадена во Софија, во 1984 година.
27 октомври 1903 година, Апоскеп
Чудно нешто е нашата земја! Целиот христијански свет поминал со христијанските идеи, со христијанските заповеди, со други зборови, со христовиот мирен дух на 19 век. Многу се лажат тие што мислат дека поминал и поминува и мисли дека и оди во иднината. Државите, т.е. царствата многу се лажат со тоа. Ако размисли еден совесен човек, ќе разбере дека христијанските цареви не се христијани, туку варвари и човекоубијци. Најголемиот престап, кој пристапуваат да го направат, е дека го повикуваат народот да се учи да убива подобни. А Христос кажал: не убивај! Тоа Христос не го кажал само на еден човек, кој ќе го убие престапникот и ќе се расипе, туку го кажал за сите народи. Убие ли некој некого, ајде да го фрлиме во темница и да го унаказиме, но тој човек и покрај тоа си го доживеал унакажувањето, и ако посака, убива и друг, навикнал тој веќе на темниот живот.
Каква корист од тоа? Е добро? Ако претставам една држава како тој убиец, кој да ja уништи? Треба да паднат од некоја друга планета луѓе, не глупави и не човекоубијци, за да се уништи царот и сите околу него, кои го учат народот како да ги убива подобните и кои го поддржуваат човекоубиството. Еве пред неколку години ги оставија да се тепаат и убиваат и да губат човечки животи Англија и Трансилванија. Се изгуби народ, останаа вдовици и сираци за никакво и ништо.
Не ли беше подобро на еден општодржавен совет да се реши нивната расправа? Можеше, но сите сме жедни гледачи во претставата да гледаме некакви ужасни сцени, на нас кои не чувствуваме никаква болка. Исто така и за грчко-турската војна (1897 година б.м.). Тука повторно се оставија ѕверствата, варварствата, агресијата, неверник да убива вистински христијани. Уште по чудно и срамно за христијанските царства. А, уште најчудно е за поробените христијани, кои се оставени на Турчинот да врши над нив нечуени злосторства и да ги убива. Срамно е за христијанските цареви да гледаат 5 века да беснее и да не го избркаат. Ете оваа година Македонија се дигна на востание да се ослободи од ропскиот јарем и да биде и таа, како и другите сестри слободна. Царевите не го забрзуваат решението за неа, зошто Македонецот секој ден умира од очај и други злосторства, дури и во зима влегува и се потребни многу работи.
Жално за нас, горко за нас, пак мислат таа да падне во нивните раце. Доле лакомите, прогонете ги! Доле војните! Нека кажат царевите. Доле ропството!!! Нека го фрлат оружјето, нека не се учи народот на човекоубиства, туку на работа, така луѓето да имаат спокојство, мир, љубов и добро. Дали ќе седат мирни царевите на престолот и ќе мислат така, но дали ќе направат? Одговор сакам.
Сосема на крај, за да го доловиме трагичниот крај на Илинденското востание, но и надежта и волјата на македонското население да истрае во својата цел, ќе ги цитираме спомените на костурскиот востаник Манол Кочов од селото Кономлади. Во октомври 1903 година, кога веќе било јасно дека востанието било во својата завршна фаза, некој требало да им соопшти на востаниците дека е крај, информацијата се разбира била непријатна, особено за костурското раководство. Во тој миг пред насобраните востаници, на планината Вичо, се обратил Чакаларов, кој говорот го завршил на следниов начин: „Сега сѐ е завршено, сепак докажавме чија е Македонија и дали ние, Македонците, заслужуваме слобода, за која умиравме, умираме и ќе умираме. Одете сите по своите домови, ве распуштам, горе главите“.
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 99. број на неделникот „Република“, 25.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја


