Како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, типот листерија пронајдена во храната воопшто не соодветствува со таа кај заболените лица, ниту количински е застапена над дозволеното ниво пропишано со Правилникот и европските стандарди.
– Листерија има, но во минимални количини, под 10 колонии на грам што е далеку под дозволеното ниво од 100 колонии на грам во рамки на рокот на траење на производот – рече директорот на Агенцијата, Дејан Рунтевски, на прес-конференција.
Останува препораката колбасите и меленото месо термички добро да се обработуваат.
Според Рунтевски, во тек е земањето примероци од храната во прометот со цел утврдување евентуално присуство на листерија и во увезените производи.
При анализите направени на Ветеринарниот факултет, беа испитани 610 од вкупно 750 мостри од месната и млечната индустрија.
Притоа, 23 биле позитивни на листерија. На 16 е направена генотипизација која не покажала ниту едно совпаѓање со листеријата кај заболените лица, додека на осум е извршено квантитавно испитување – утврдување на количинската застапеност.
Бактеријата листерија вообичаено ја има во погоните, домаќинствата, лоцирана е и на работните површини. Се смета за перзистентен, постојан контаминент.
Во Македонија изминатиов месец од листерија заболеа вкупно осум лица од кои четири починаа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



