Во рамки на програмата на „Охридско лето 2014„, утре (петок 1 август) со почеток во 20:30 часот на сцената на „Антички Театар“ во Охрид гостува „Вока пипл“ (The VOCA PEOPLE) – сензационалниот перформанс на музичката комедија која комбинира восхитувачки и неверојатни вокални звуци. За прв пат во Македонија, пред публиката на „Охридско лето“, „Вока пипл“ утре ќе го претстават своето шоу кое ширум светот важи за незаборавно искуство.
– Во концептот на програмата на 54. издание на фестивалот „Охридско лето“, покрај квалитетна програма со учеството на светски познати уметници и ансамбли, голема креативна енергија се посветува и за вклучување на атрактивни фестивалски настани кои ќе го привлечат вниманието на младата и пошироката популација. Во изминатите години реализиравме концерти на вокални ансамбли, како „Свингл сингерс“, „Перпетуум џезиле“, „Вива вокс“, кои останаа запаметени не само во меморијата на посетителите, туку и во фестивалската историја. Оваа година нудиме уште поголема вокална атракција, „Вока Пипл“. За првпат во Македонија, пред публиката на „Охридско лето“, „Вока Пипл“ ќе го претстават своето шоу кое ширум светот важи за незаборавно искуство кое ја спојува музичката брилијантност со многу хумор. Овој ансамбл, кој потекнува од Израел, претставува нов феноменален интернационален вокално-театарски перформанс кој ги комбинира восхитувачките вокални звуци и „а капела“ пеењето со уметноста на модерниот битбокс кој ги имитира звуците на цел оркестар – тапани, труби, гитари и други инструменти и музички ефекти. Сето ова „Вока пипл“ го прават без употреба на било кој музички инструмент на сцената, настапувајќи при тоа со хумористичен перформанс, анимирајќи ја и самата публика. Во изминатите фестивалски вечери имавме можност да чуеме виртуози на пијано, виолина, виолончело, а утревечер ќе ги чуеме златните гласови на членовите на „Вока пипл“, виртуозите на вокалните способности и битбоксот. Или како што вели светската музичка критика: Ова шоу ги премeстува сите граници и култури, забавно, интересно и феноменално! Не го пропуштајте! – изјави музичкиот селектор на „Охридско лето“, Гордана Јосифова Неделковска.
„Охридско лето“ со овој концерт го има задоволството својата долгогодишна историја да ја надополни со уште еден феноменален интернационален перформанс кој откако ги освои срцата на публиката широм светот, конечно за прв пат ќе биде дел и од концертните доживувања на македонскиот аудиториум.
Покрај тоа, задоволството е уште поголемо знаејќи дека возбудата за оваа средба е подеднаква и кај нашите гости кои ги пречекуваме утре во Охрид. Пред нивното прво запознавање со Македонија и македонската публика, „Вока пипл“ за македонските медиуми изјавија дека се особено возбудени бидејќи слушнале убави работи за нашата прекрасна земја и особено нејзиниот музикален народ. Инаку, претставувајќи се како група вонземјани од музичката планета „Вока“, членовите на „Вока пипл“ порачуваат дека секаде доаѓаат со единствената порака – правете повеќе музика и помалку војна!
ВЛЕЗНИЦИТЕ СЕ ВЕЌЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА
Влезниците за овој концерт се веќе достапни во продажната мрежа на МКтикетс, како и на билетарата во дирекцијата на Охридско Лето, по цена од 600, 800 и 1.000 денари, во зависност од распоредот на седење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“