| четврток, 6 декември 2018 |

Претставата „Његош и јас“ на „Охридско лето“

njegos i jas

Претставата „Његош и јас“ на Народниот театар од Црна Гора ќе биде изведена вечерва, на 31 јули, во Заливот на коските во Градиште, на 54. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Ова е авторски проект на Паоло Маѓели, а во претставата играат Кармен Бардак, Александар Радуловиќ, Паоло Маѓели, Маја Пелевиќ и Љупчо Константинов.

Претставата „Његош и јас“ смешно и невино, но интелектуално и храбро трага по „загубеното време“. На тој пат се враќаат сеќавањата, испишувајќи повторно една историја.

„Његош и јас“ е приказна за едно дете кое живее во минатото. „Његош и јас“ не е сентиментална автобиографија, туку сон кој навистина се случил. „Његош и јас“ е приказна за млад човек од 29 години, Италијанец, кој лошо ги  владее словенските јазици и не го познава големиот поет.

Начинот на кој настанала оваа претстава се разликува од класичните театарски процеси. Основата е Паоловото сеќавање на неговото прво доаѓање во Црна Гора, од моментите на неговата најрана младост, со цел да запознае некои други култури. На тоа патување низ Паоловите сеќавања, со различните теми како што се традицијата, национализмот, културата, културниот империјализам, а потоа и со методите на импровизација, подоцна фиксирани, се доби одличен сценски материјал. Претставата не е автобиографска, ниту пак прецизно се држи за некои конкретни елементи, единствено цврсто е врзана за Паоловите импресии.

Маѓели е роден во 1949 год. во Тоскана, во градот Прато, и е горд на своето тосканско потекло. Пред 30 години дипломирал режија во Фиренца, а исто така студирал  и славистика. По добивањето на стипендијата своите студии ги  продолжил  во Романија.

Во Белград и во Загреб режирал повеќе претстави, но потоа материјалната егзистенција ја бара режирајќи во Германија, Швајцарија, Франција и Словенија. Неговите претстави „Феничанки“, „Нација“, „Електра“, „Големата магија“, „Луди денови“, „Три сестри“, „Вујко Вања“, „Месец дена на село“ се сметаат за антологиски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top