| четврток, 6 декември 2018 |

„Топол културен бран“ продолжува во Крушево, Велес, Могила, Радовиш

Крушево-Етно-Град-5

Продолжува реализацијата на културните настани во рамките на проектот на Министерството за култура „Топол културен бран“, манифестација која веќе седум години традиционално се спроведува во општините низ Македонија.

Денеска во градот на културата за 2014 година, Крушево, во рамките на манифестацијата „Крушево етноград“, ќе се одржи промоција на книга за билки и за билкарство. На градскиот плоштад во Крушево, пак, со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи фолклорниот ансамбл на Стефче Стојкоски, а посетителите ќе можат да уживаат во непроценливото македонско фолклорно богатство, во македонскиот ритам, исполнет со звукот на традиционалните инструменти.

Во Велес, во рамките на манифестацијата „Топол културен бран“, посетителите во Младинскиот парк во 20.30 часот ќе имаат можност да го проследат настапот на квартетот „Македонска душа“, во состав маестро Зоран Џорлев, Бајса Арифовска, Ратко Даутовски и Наско Џорлев, кои ќе исполнат богат избор од изворни македонски народни песни.

Во Домот на културата во општина Могила во 20.30 часот концерт ќе одржи вокалниот состав „Мелодиум“.

На плоштадот во Радовиш, пак, љубителите на класичната музика од 20.30 часот ќе уживаат во концертот на гудачки квартет со Пламенка Трајковска, а во Кавадарци театарот при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ ќе ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“.

Веќе следниот ден, 31 јули, општина Градско ќе ја организира манифестацијата „Илинденска вечер“ со настап на Сузана Спасовска, додека општина Богданци ќе биде домаќин на џез-концертот на групата „Летечки пекинезери“.

Во Крушево, со почеток во 18 часот, во централното градско подрачје ќе се одржат илинденски маршеви по стапките на илинденските револуционери. Во 20 часот учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од скопската општина Аеродром на градскиот плоштад во Крушево ќе изведат неколку драмски текстови,а пак културно-уметничкото друштво „Лисиче“ од Скопје, во 20.15 часот, ќе претстави дел од богатиот македонски фолклор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top