Се реновира Детскиот креативен центар во Младинскиот културен центар (МКЦ). Благодарение на средствата од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, преку Проектот „Со читање до лидерство“ кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, покрај градежнореконструктивните зафати, Детскиот центар ќе биде опремен со современи содржини за унапредување на јазичната и математичката писменост кај учениците од почетните одделенија, што е една од главните цели на Проектот.
Библиотека за најмладите ученици, математичко катче, ликовно и театарско катче, мултимедијални дидактички помагала…, се само дел од содржините кои ќе ги нуди центарот. Тие ќе се достапни на учениците, кои, заедно со своите наставници и родители ќе можат низ игра да научат многу нови работи и секако, да се забавуваат.
Планирано е реновирањето и опремувањето да бидат целосно завршени во крајот на август. Детски креативен центар ќе биде свечено отворен во првата половина на септември, 2014.
Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство’’, сите активности ги подготвува и спроведува во соработка со Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар. Активностите се спроведуваат во одбрани училишта од сите региони во Македонија.
Детскиот креативен центар е последното парче од мозаикот именуван “МКЦ во ново руво”, проект, кој започна во 2011 год., со средства од Градот, ИПА фондовите, ЕУРИМАЖ, и повеќе ктитори од Македонија. Во минатите три години, објектот на МКЦ доживеа огромни промени: енергетски ефикасна фасада, реновирана концертна сала и нова аудио и светлосна опрема, нова сцена, нов дигитален проектор, и климатизација на Кино Фросина, нова, најсовремено опремена галерија, комплетно реновирање на џебното кино, санирање на куполите и ентериерот на Планетариумот, реконструкција на бифето, заменет кров, подови, врати, прозори, санитарни јазли, тоалети, радијатори, компјутери и компјутерски мрежи..
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.