| четврток, 6 декември 2018 |

Нимиц на средби со државниот врв

Metju Nimic (8)

Посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, денеска во Скопје, во рамки на новата рунда разговори со властите во Македонија и Грција, ќе има средби со македонскиот државен врв.

Тој вчера по пристигнувањето во Македонија изјави дека не носи нов предлог, но оти има идеи.

Нимиц во Скопје првпат ќе се сретне со новиот претставник на Македонија во спорот за името и амбасадор во САД, Васко Наумовски, кој е именуван на функцијата со одлука на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.  Се очекува тој да се сретне и со шефот на државата Иванов, со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Посредникот на ОН во разговорите за спорот за името, минатата недела изјави дека овој пат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина. Нимиц тогаш истакна дека очекува и добра соработка  со новоименованиот преговарач за името, амбасадорот Наумовски, како што имаше и со неговиот претходник Зоран Јолевски.

Според соопштението на ОН, Нимиц ќе престојува во Македонија два дена, по што ќе замине на средби во Атина на 30 и 31 јули.

– Целта на средбите е да се интезивираат разговорите под покровителсто на ОН насочени кон наоѓање заемноприфатливо решение за спорот за името – пишува во соопштението на ОН.

Провладиниот „Катимерини“, во коментар за грчко-македонскиот спор насловен „Скопје и Германија“, а во пресрет на разговорите на медијаторот Нимиц во Скопје и Атина, истакнува дека она што може да придонесе да се придвижат работите е интересот од страна на германската канцеларка Ангела Меркел.

– Со оглед на семоќта на Германија во европските интеграции, нејзината улога во надминување на ќор-сокакот може да се покаже решавачка, се наведува во коментарот во кој им се сугерира на Меркел и на германската дипломатија  значителниот притисок врз Македонија, што ќе придонело да се подобри имиџот на Берлин во грчкото општество.

Во врска со посетата на  Нимиц на двете земји, весникот само додава дека „и покрај завидната сила и упорност со децении на медијаторот, прашањето стагнира“, за што, како и секогаш ја обвинува „нетолерантноста“ на македонските власти.

Министерот Попоски минатата недела, исто така, оцени дека без конкретен ангажман од поголемите земји-членки на НАТО и на ЕУ, не може да се очекува какво било поместување во спорот за името. Но, како најголем ограничувачки фактор за напредок во разговорите тој го посочи непостоењето политичка мотивираност од страна на Атина  сериозно да се седне и да се бара решение за прашањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top