
Меѓународната организација на Црвениот крст смета дека во Украина се случува граѓанска војна, и сите дејствија од војната се подложни на примена на меѓународното право за таа материја. Високиот комесаријат за човекови права при Обединетите нации соопшти дека, заклучно со вчера, според податоци со кои тие располагаат, во Украина од воените дејствија има 1.129 загинати и 3.442 повредени. Над половина од настраданите се цивили. Соборувањето на малезискиот авион по што имаше 298 цивилни жртви се смета за воено злосторство.
Но, и во овој извештај на ООН е присутна селективна политика. Во карактеризацијата на воени злосторства, на пример, го нема прогонот и намерното палење на 54 цивили во Домот на синдикатите во Одеса, дело кое го изврши Националната гарда на Киев врз проруските мирни демонстранти, како и загинувањето на над 40 деца по бомбардирањето на украинската војска на градовите под контрола на проруските федералисти. Наместо тоа, се соопштува за рамномерна вина на двете страни: војската на Киев за неумерено масовно бомбардирање на цивилните населби, а проруските сили за бомбардирање јавни објекти, ограбување на банки и рудници и уривање на сообраќајници и мостови.
Во текот на вчерашниот ден пак се интензивираа борбите во источна Украина. Борбите помеѓу украинските владини сили и сепаратистите се интензивираат во реонот каде беше соборен малезискиот патнички авион на 17 јули. Украинските власти соопштија дека ја презеле контролата во градот Дебалцево во регионот на Доњецк. Владините сили наводно успеале да се пробијат и во градовите Шахтарск и Торез. Поради борбите во тој дел од источна Украина, вчера холандските и австралиските полицајци не можеа да отидат на местото на несреќата.
Викендов пак најмалку тринаесет цивили, од кои две се деца, се убиени во гранатирањето на страна на украинската армија во неделата врз гратчето Горловка, во Донецката област која е под контрола на проруските бунтовнички сили, јавуваат медиумите, пренесувајќи дека во градот има многу пожари, а човечки тела лежат по улиците.
Според првичните информации, 13 лица ги загубија животите, меѓу нив се две деца на возраст од една и од пет години. Работата на итните служби го попречува постојаното гранатирањее, пренесе агенцијата Франс прес. Извори од бунтовниците за РИА Новости соопштиле дека украинската армија од утрото преку денот и повторно вечерта го гранатирала центарот на Горловка од повеќецевни ракетни системи град” при што најмногу страдаат домовите на локалните жители. Граната паднале во дом на тричлено семејство во кое загинало целото семејство меѓу чии членови е едногодишното девојченце. Притоа избувнал пожар во зградата на регионалното претпријатие за дистрибуција на електрична енергија, на уличен пазар, во локалното родилиште и во неколку повеќекатници и приватни куќи. Бунтовниците ги лоцирале батериите во селото Мајорско кое е под контрола на Националната гарда на Украина.
Исто така, гранатирано било и селото Авдеевка меѓу Горловка и Донецк. Таму, според бунтовничките извори, загинале најмалку пет цивили.
Портпаролот на украинската армија, пак, ги обвини проруските бунтовници дека самите ги гранатираат со повеќецевни ракетни фрлачи “Град” станбените населби во Горловка.
Претходно Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина соопшти дека украинските сили уништиле неколку барикади” кои ги подигнале бунтовниците и дека се приближиле до Горловка, град со 258 илјади жители, познат како база на бунтовничкиот челник Игор Безлер, пренесува Франс прес.
Извор: Вечер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Украинските морнари признале: Добивме задача, влеговме во руски води и тука чекавме наредби
-
Македонија и Украина ќе ја интензивираат политичката и економската соработка
-
Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори на Украина и Индија
-
Путин по стапките на Трамп: Русија почна да гради ѕид со Украина


