| четврток, 6 декември 2018 |

Пливачот што граби кон нови рекорди

Миладиновски (35) по 22 години пливање денес повторно е поврзан со пливањето, и тоа токму како што тој сака – како професор по пливање. Тој сега им ги предава своето знаење и искуство на младите. По седум години работа како демонстратор на скопскиот Факултет за физичка култура (ФФК), си замина од Македонија и реши да ја гради својата професионална кариера надвор. Живееше и работеше шест години во Дубаи, а сега новото работно место повторно го носи во Азија, но во најголемата земја. Од почетокот на новата учебна година Миладиновски со семејството ќе се пресели во Шангај, во Република Кина, каде што ќе остане најмалку две години, колку што му е договорот за работа

Александар Миладиновски е пливач од златната генерација на Македонија кога нашата држава aимаше по четворица пливачи на Летни олимписки игри (ЛОИ), редовно учество на светски и на европски првенства, во кратки и во долги базени, на светски купови од каде што учесниците се враќаа со нови државни рекорди и најдобри лични резултати кои уште не се соборени. Тоа е генерацијата на Миладиновски, Зоран Лазаревски, Мирјана Бошевска, Весна Стојановска, Александар Маленко, Весна Трајковска, која ги наследи Наташа Мешковска и Кире Филиповски. Миладиновски сѐ уште е актуелен неколкукратен државен првак во повеќе дисциплини, а зад себе има две учества на ЛОИ – во Сиднеј 2000 година и во Атина 2004 година.

– Тоа беше убава генерација. Имаме убави и смешни ситуации од тоа време, некои и трагикомични, но ете, тие 22 години пливање ме направија тоа што сум денес – посилен, поотпорен и поснаодлив. Ние го пробивавме тој транзициски период, за влез во секоја држава имаше визи, до последен момент не се знаеше дали ќе заминеме – се присетува Миладиновски.

Miladinovski-Zivot-int98-2

По 22 години пливање, Миладиновски денес повторно е поврзан со пливањето, и тоа токму како што тој сака – како професор по пливање. Тој сега им ги предава своето знаење и искуство на младите. По седум години работа како демонстратор на скопскиот Факултет за физичка култура (ФФК), си замина од Македонија и реши да ја гради својата професионална кариера надвор. Живееше и работеше шест години во Дубаи, а сега новото работно место повторно го носи во Азија, но во најголемата земја. Од почетокот на новата учебна година Миладиновски со семејството ќе се пресели во Шангај, во Република Кина, каде што ќе остане најмалку две години, колку што му е договорот за работа.

Во Дубаи, или новиот центар на светот, Миладиновски пет години работел како професор на катедрата по пливање во приватното британско училиште „Рептон“, а истата професија ќе ја работи и во Шангај, но во друго приватно британско училиште – „Велингтон“. Оваа професија му донела познанства и пријатели од различни националности и професии, но и контакти со познати имиња како фудбалерот Дидие Дрогба, актерките Хилари Свонк и Мишел Родригез.

Miladinovski-Zivot-int98-3

Миладиновски ја раскажа својата приказна за „Република“.

– Имав пријатели во Дубаи. По една недела престој во Дубаи, добив повик за интервју од Крег Хоч, селекторот на австралиската пливачка репрезентација и селектор на светскиот и олимписки шампион Јан Торп. По интервјуто, ја добив работата и работев како негов асистент во следните шест месеци. Поради здравствени проблеми, тој замина во Австралија и ме назначи мене за негов наследник. Го водев клубот и ја освоивме Лигата во Дубаи таа година. По тој успех, следната година почнав да работам во училиштето „Рептон“, кое е сестринско училиште на британското „Рептон“. Тоа е многу познато приватно училиште во Велика Британија,има традиција од 130 години. Работата беше примамлива од секој аспект. Училиштето изгледа како замок на Хари Потер. Тоа е најголемо училиште на Блискиот Исток и има околу 3.000 ученици. Таму учат деца од три години до завршување на средното образование. Според британскиот систем, пливањето е дел од образованието и е задолжителен дел од наставата. Јас бев шеф на катедрата по пливање за целото училиште – ја почнува Миладиновски приказната за своите почетоци во странство.

Miladinovski-Zivot-int98-4

Aлександар во Абу Даби на Формула 1

Поранешниот олимпиец е многу задоволен од условите за работа во Дубаи.

– По пливачката кариера, желба ми беше да работам во образование. Навистина се пронајдов во таа работа. Се формираше одличен тим за работа во „Рептон“. Училиштето е светски познато и во него учат и Арапи, но и многу странци. Шест деца на шеикот Сан учат во „Рептон“. Мора да признаам дека на моменти е надреално, како, на пример,кога доаѓа хеликоптерот на шеикот и од фудбалското игралиште ги зема децата и ги враќа дома. Додека работев како тренер во клубот во Дубаи, тројца од учениците што ги тренирав учествуваа на ЛОИ во Лондон 2012 година – вели Миладиновски.

Miladinovski-Zivot-int98-5

Aлександар на Тајланд

Новиот професионален предизвик за Миладиновски се Шангај и училиштето „Велингтон“.

– Лани „Велингтон“ беше прогласен за најдобро училиште во Велика Британија. До лани В. Британија беше на врвот во образованието, сега тој примат го има Јапонија. Воодушевен сум од начинот на работа, од системот како им се воспоставени врските со учениците. Драго ми е што имам шанси да се надградувам, да учам, да црпам идеи. Запознав луѓе од секакви сфери, комуницирам со фудбалерите Дрогба, Мишел Салгадо, со врвни ѕвезди – раскажува Миладиновски.

– Во целина, Дубаи како место за живеење е позитивно. Барем со таков впечаток го напуштам по шест години. Таму се чувствувам како дома, ја познавам секоја улица. Животот е полесен – нема голем стрес, сѐ е електронски, модернизирано, луксузно. Има примери кои можеш само таму да ги видиш. Преку 90 проценти од населението се странци, 215 нации живеат во Дубаи. Добро е што сите знаат дека се дојденци таму и немаш чувство дека не припаѓаш таму. Таму жената е на прво место и има привилегии какви што нема ниту еден маж. Жената во Дубаи е длабоко влезена во нивниот систем. Во другите, околни држави сѐ е поинаку, додава Миладиновски.

Miladinovski-Zivot-int98-6

Нуркање на Малдиви

Иако има и лиценца за инструктор по нуркање, Миладиновски нурка само рекреативно. Од Дубаи е многу полесно да се стигне секаде и тој со своето семејство го користи тоа максимално.

– Оман, Шри Ланка, Малдиви, Тајланд, Катар се местата што приватно ги посетивме од Дубаи – вели Миладиновски.

Семејството Миладиновски подготвено заминува за Шангај. Знае што го очекува во Кина.

– Истражувам за Шангај веќе една година. Училиштето „Велингтон“ се отвора првпат во Шангај. Во моментов е најскапо училиште во Азија. Капацитетот на училиштето е 1.500 ученици. Во склоп на училиштето има и интернат за престојување на учениците што не се од Шангај. На 500 метри од училиштето е спортскиот пливачки комплекс, каде што во 2010 година се одржа Светското првенство и ние имаме пристап таму – објаснува Миладиновски.

Тој во Шангај планира да отвори и пливачка академија. Селекторот на кинеската репрезентација во триатлон веќе побарал од Миладиновски да му ја направи програмата за пливање.

– Ова училиште не е профитабилно. Сите пари што ќе се земат од школарината ќе се инвестираат во училиштето – објаснува Миладиновски.

Благодарение на пливањето, Миладиновски го прошета светот, посетил преку 80 земји.

– За малку држави сум рекол дека сакам да живеам во нив. Една од нив е Австралија. Сум бил неколкупати, таму имам многу пријатели. Мислам дека би се насочиле натаму – вели Миладиновски, кој има договор за работа во Шангај за следните две години.

 

(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 98. број на неделникот „Република“, 18.07.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top