Најдобриот македонски возач Игор Стефановски – Иџе веќе на следната трка може да ја осигура европската круна. Тој викендов победи на трката од Европскиот шампионат на ридски патеки во Германија и е на чекор до освојување на титулата.
Најдобриот македонски возач доминираше на деветтата овосезонска трка и ја оствари шестата победа, а со освојување на едно од првите две места на следниот настап во Швајцарија ќе ја обезбеди шампионската круна.
Популарниот Иџе направи клучен, ако не и решавачки, чекор кон освојување на титулата на Стариот континент, а во втората трка постави и рекорд на патеката “Глазбахренен“ во Германија во групата Н. Должината од 5.500 метри, со 35 свиоци, ја помина за време од 2.39.460 минути, а доминираше и во првиот настап со 2.39.783 минути (вкупно 5.19.243).
Македонскиот ас го совлада најголемиот конкурент Чехот Јири Лос, кој со вкупно време од 5.23.802 минути (2.40.792 и 2.43.010) мораше да се задоволи со втората позиција. На третото место се најде неговиот сонародник Филип Шајлер со време од 5.26.775 минути.
Стефановски хазардерски ја извозе и трката во Германија, а овојпат на своја страна ја имаше и среќата. Тој неколку пати ја закачи банкината, но тоа не го спречи да освои максимални 25 бода, за разлика од Јаромир Мали од групата А, кој за триумфот во Германија прокнижи само 12,5 поени. Во неговата група се пријавија само четворица натпреварувачи, што е помалку од минимумот од пет возачи, и нему за победа му припаднаа само половина од бодовите предвидени за триумф.
– Имав добро, но многу рискантно возење. Патеката е интересна, но многу опасна и тесна и неколку пати се лизгав по банкината. Ова беше многу тежок викенд и цело време бев под притисок дали се ќе биде во ред со автомобилот. Се чувствував како ова да е решавачката трка сезонава и затоа го дадов максимумот. После овие две-три трки и сите малери што ми се случија време е за малку одмор – изјави Иџе.
Македонскиот автомовилист сега има 45,5 бода пред Мали. Стефановски во досегашниот тек од сезоната освои 183 поени, а чешкиот возач има 137,5 бодови.
Следната трка на програмата е на 16 август во Сен Урсан во Швајцарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


