Македонската кошаркарска репрезентација славеше против Црна Гора во последниот меч од турнирот „Трофеј Македонија“ со 65-58 и го освои второто место зад Италија, која единствена прокнижи три победи.
Избраниците на Александар Џикиќ одиграа одличен турнир, со силни противници како загревање пред августовските квалификации за пласман на ЕП 2015.
Против Црна Гора добивме три од вкупно 4 четвртини и сосема заслужено славевме победа со 7 поени разлика. На 5 минути до крајот беше израмнето 54-54, но од тој момент, Македонија постигна 11 поени, а ривалот само три.
Најдобар на теренот беше нашиот нов центар Ричард Хендрикс со 13 поени и 10 скока, а Бојан Трајковски постигна 10 поени, идентично со најефикасниот двоец Рочести и Сеад Шеховиќ кај Црна Гора.
Претходно Македонија ја победи и Полска, а загубивме од Италија, селекција која со максимален учинок го освои трофејот на турнирот во Скопје.
Во август ќе играме квалификации за настап на ЕП 2015, а ривали ќе ни бидат Белгија, Данска и Белорусија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


