Континуирани и навремени се мерките кои ги преземаат надлежните органи за спречување на евентуално ширење на листериозата и за откривање на причинителот. Неосновано е и спротивно на интересите на потрошувачите, е секојдневно да се манипулира со јавноста, со бомбардирање со соопштенија, како што тоа го прави СДСМ и на таков начин да се изигруваат фактите и транспарентноста на институциите, кои континуирано и објективно информираат за преземените мерки за заштита и спречување на ширењето на заразата, соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Непосредно по добивање на информацијата од Комисијата за заразни болести, за можна, потенцијалната опасност од ширење на листериозата, Агенцијата за храна и ветеринарство, започна со спроведување на вонредни инспекциски надзори кај сите оператори со храна од животинско потекло, како и со дополнително земање на мостри, со цел утврдување на фактичката состојба и можната опасност.
Во текот на овие контроли земени се преку 600 мостри од сите оператори со храна, со цел да се утврди моменталната состојба и евентуалната поврзаност на случаите на заболени со листериоза, велат од таму.
Се спроведуваат повторни инспекциски надзори на операторите со храна во однос на применување на системите за внатрешна контрола (НАССР).
– Фактот дека во изминатата година од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство се испитани над 4,5 илјади примероци од храна за присуство и на листерија и сигурно уште толку од страна на операторите со храна во рамки на ХАЦЦП, за институциите на системот се доволна потврда дека системите за безбедност на храна континуирано функционираат. Во соработка со Државниот здравствен и санитарен инспекторат, спроведени се контроли во сите населени места посочени во епидемиолошката анкета како потенцијално ризични, и од каде потекнуваа заболените со листерија, со цел утврдување на нивната пооврзаност со заразата. Посетени се скоро сите оператори од овие места со цел навремено утврдување на можниот потенцијален извор на заразата. Покрај редовниот инспекциски мониторинг за контрола на секоја пратка со храна од животинско потекло од увоз, по дадената препорака од Комисијата за заразни болести, граничната инспекција го зголеми бројот на контроли и на мостри на пратките од увоз за утврдување на евентуално присуство на листерија, се вели во соопштението.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги прошири и контролите на ниво на примарно производство со испитување на животните, со цел да се утврдат можната поврзаност на одредени случаи преку контакт со примливи животни.
Засилениот инспекциски надзор и преземање на превентивни мерки ќе продолжат и во следниве денови до потполно елиминирање на наведената опасност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



