| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележана 51-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Во Музејот на Град Скопје синоќа со неколку културни настани беше одбележана 51 година од катастрофалниот земјотрес, што далечната 1963 го сруши до темел главниот град на нашата земја. На присутните граѓани им се обрати претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

zemjotres

– Денес Градот Скопје и неговите жители одбележуваат 51 години од трагичниот скопски земјотрес. Дури и после 51 година од најтрагичните мигови од поблиското минато на градот Скопје, во многу скопски семејства неизбришливи се сеќавањата на утрото – 26 јули 1963 година. Во седумнаесетте секунди силен татнеж, згаснаа 1.070 животи, илјадници семејства ги изгубија своите домови, трајно или делумно беа оштетени голем број објекти од јавен карактер, а значителен дел од улиците беа речиси беа непроодни – рече Мишева.

Ако сликата говори со илјади зборови, тогаш, како што истакна, најсоодветна претстава за тоа каква трагедија му се случи на нашиот град дава филмот на нашиот гостин, филмскиот доајен Вељко Булаиќ.

– Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на Булаиќ што се одзва на нашата покана заеднички да го одбележиме овој тажен датум од историјата на градот, а особено што, на идните генерации остави еден значаен документарен филм за Скопје 63-та – додаде таа.

Потсети дека веднаш откако веста за оваа катастрофата го обиколи светот, меѓународната заедница покрена огромна акција за помош, во размери скоро невидени дотогаш.

– Се врати оптимизмот и надежта на овој град, а собраниот и обединет свет, со неизмерна верба и љубов, помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност. На бреговите на Вардар израсна нов, современ, убав град во кој што секоја генерација остава свои траги и белези со кои таа се препознава и идентификува – истакна Мишева.

Во рамки на одбележувањето во Музејот на град Скопје, беше реализирано литературно читање насловено како „Поетесите за својот град“, беше отворена изложбата на фотографии „Скопје ‘63 – филмска хроника на едно време“, а веднаш потоа беше проектиран и еден од најнаградуваните документарни филмови „Скопје ‘63“ на режисерот Вељко Булајиќ, којшто претставува сведоштво за еден неизбришлив дел од историјата на Скопје.

– Не знам од каде да почнам, се чувствувам навистина почестен овде. Овој град го засакав во најтешките моменти, ова е град кој ја победи смртта. Во денешно време е навистина тешко, воопшто, и да се замисли тоа, но Скопје докажа дека може да живее повторно, токму затоа сум воодушевен и полн со емоции. Јас, екипата од „Јадран филм“, но и многуте мои македонски пријатели и соработници, направивме филм којшто го поттикна светот да му помогне на Скопје, но мислам дека и Скопје му помогна на светот, беше тоа едно тешко време на студена војна, а овде неволјата и маката зближуваа народи и нации. Ми претставува особена чест што вечерва сум овде – рече Булајиќ.

Директорката на Музејот, Љубица Кондијанова истакна дека и претставува особено задоволство што може овие неколку дена да му биде домаќинка на авторот на филмот којшто направи многу за Скопје и дека преговорите за една ваква средба траеле повеќе од три години, но дека особено ја радува фактот што филмот се прикажува во Музејот на град Скопје, а авторот е овде во нашиот град на 50-годишнината од премиерата на филмот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top