Во пресрет на големиот македонски празник Илинден денеска ќе почне 36. традиционален коњички марш, што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.
Маршот стартува во 17 часот од општина Аеродром, каде градоначалникот Ивица Коневски на коњаниците ќе им го предадено општинското знаме. Крајната дестинација е Крушево, каде коњаниците треба да пристигнат на 2 август.
Од општината, коњаниците придружувани од фаланга составена од дваесетина членови, игрaорци од КУД „Никола Јонков Вапцаров“, со звуците на зурлите и тапаните ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, минувајќи низ главните булевари на општината.
Пред свеченото испраќање на коњаниците од Горно Лисиче, кои се на возраст од 15 до 60 години, во црквата „Св. Петар и Павле“ ќе се одржи свечена литургија, на која високи свештеници од Македонската православна црква ќе им дадат благослов на патот кон Крушево.
Пред испраќањето на илинденците ќе се организира свечена музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници. Во испраќањето на коњаниците кон Крушево ќе се вклучи и општинската организација на Црвен крст „Кисела Вода“, која во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ќе одржи крводарителска акција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.