| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје одбележува 51 година од катастрофалниот земјотрес

ско 1

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации одбележува 51 година од катастрофалниот земјотрес во 1963 година во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Официјални делегации и претставници на институции утрово на Градските гробишта во Бутел положија цвеќе пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес, што во 1963 година го разори Скопје.
Цвеќе во спомен на жртвите во катастрофалниот земјотрес положија официјална делегација на Собранието на РМ предводена од потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, тричлена делегација од Министерството за одбрана на РМ предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, од Министерството за внатрешни работи, предводена од министерката Гордана Јанкулоска,
Министерството за образование, Министерството за правда, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, предводена од  министерот Миле Јанакиески, Министерството за животна средина и просторно планирање,делегации од политичките партии, делегација од Град Скопје предводена од градоначалникот Коце Трајановски, делегации од сите општини на Град Скопје, Амбасадорот
на Словенија, Бранко Раковец, претставник од Амбасадата на Франција во РМ, претставник од Амбасадата на Турција во нашата земја, како и претставници од амбасадата на Кина во Македонија. Цвеќе положија и делегации на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје и членовите на Црвениот крст, како и припадници на други јавни институции од земјава.
Во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на град Скопје, што се наоѓа во ДХО „Даре Џамбаз“, во тек е традиционалната крводарителска акција во организација на Црвениот крст на Град Скопје.
Во Музејот на Град Скопје ќе се одржат повеќе манифестации. Поетесите ќе имаат литературно читање за својот град, кое ќе почне во 19 часот. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски ќе ја отвори изложбата „Скопје ’63-филмска хроника на едно време“, предвидена во 20:30 часот. Потоа ќе има проекција на документарниот филм „Скопје ’63“ на режисерот Вељко Булајиќ

ско

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за
преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

ско 2

На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје. Во Резолуцијата се изразува жалење по повод големата катастрофа. Во дебатата за давање помош на Скопје, Генералното собрание го ислуша
излагањето на претставници од над 20 земји од сите континенти. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.
Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија.
Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 – 11 степени. Катастрофалниот земјотрес наполно го уништил Скупи. За време на потресот биле создадени многу пукнатини во земјиштето. Од околните ридови се урнале големи маси карпи.
Скопје потоа бил изграден на денешното место.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 51 годинa, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top