Туристи ќе бараат шишиња вино закопани в лозје, пишува Дневник. Ова е само една од многуте забавни содржини што ќе им бидат понудени на авантуристите што ќе ги посетат винските патишта во најголемиот лозаровинасрки регион во Македонија, Тиквешкиот.
Таа е само мал, но атрактивен сегмент од винската туристичка стратегија, која ја подготвува здружението на граѓани „Винотек“ од Kавадарци, при изработката на интересни и возбудливи повеќедневни туристички пакет-аранжмани за домашни и странски гости.
По неодамна успешно изведената регата по водите на реката Вардар, при што се пловеше по водниот вински пат по кој некогаш до Солун се носело тиквешкото вино, а денес се дегустираа производи од грозје по околните винарници, директорот на регатата Панче Арсовски најавува ново несекојдневно дружење.
– В недела организираме регата во водите на Тиквешкото Езеро. Откако претходно, в сабота попладне, ни е зацртано да дегустираме вино во винарница, со јахти, глисери, чамци, ќе ги поминеме триесетината километри од езерото за да го споиме виното со рибите, риболовот, манастирскиот и црковниот туризам, спелеологијата и планинарењето. Регатата ќе ја почнеме од пристаништето кај пумпите за вода, ќе пловиме до хидроцентралата Тиквеш, па потоа до светски познатиот Полошки манастир и пештерната црква „Свети Лазар“, кои се непроценливо културно-историско богатство не само на регионот, туку и пошироко. Продолжуваме до местото каде што реката Блашница се влива во езерото. Таму ќе имаме час по риболов и пешачење во природа, по што ќе дегустираме вина со извонреден квалитет и риба печена на жар. Предвиден е и час по винска култура од стручно лице. Планот ни е ручекот да биде во манастирот. Во регатата меѓу другите ќе учествуваат планинарите од спортско-планинарското друштво „Орле“ од Kавадарци, како и спасувачи од Црвениот крст од Велес – објаснува Арсовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


