Продажбата на автомобили во Македонија во последните неколку години опаѓа, анализира МИА. Се помалку се увезуваат возила, а се намалува и интересот на граЃаните за купување на нов или стар автомобил. Импортерите на нови возила и увозниците на стари возила се жалат на драстичен пад во продажбата, особено по 2010 година.
Податоците со кои располага Царинската управа покажуваат дека минатата година во Македонија се увезени над 32 илјади патнички возила од кои само 4 илјади нови и 28, 5 илјади стари за разлика од 2010 година кога во државата се внесени 58,5 илјади автомобили, односно 7 илјади нови и 51,4 илјади користени. Во првиот месец од годинава увезени се 346 нови и 2.637 стари патнички автомобили.
Увозниците на нови возила велат дека минатата година е остварена најниската продажба досега. Продадени се само околу 4.800 возила, односно 73 проценти помалку во споредба од 2008 година. Според импортерите, падот во продажбата почнал со светската финансиска криза, а продолжил во 2010 година со донесувањето на одлуката за увоз на стари возила.
Неодамна побараа од Владата воведување на нормативот ЕУРО 4 за половни возила бидејќи според нив во изминатите три години е задоволена социјалната компонента поради која беше дозволен увозот на стари возила со ЕУРО 1 И ЕУРО 2 стандард. Како дополнителна аргумент го посочуваат и се поголемото загадување на воздухот, односно испуштањето на штетни честички во воздухот од старите автомобили кои за разлика од новите немаат заштитни филтри.
Од Владата информираат дека барањето е ставено во соодветна владина процедура и оти е побарано мислење од министерствата за економија, за финансии и за транспорт и врски околу можностите за негово прифаќање.
– Во тек е правење на анализа и проценка во однос на можностите за прифаќање на нивните барања или пак ремоделирање на мерките и воспоставување на нова мерка која ќе значи задржување на социјалната компонента од една страна, но и исчекор кој ќе помогне во работата на импортерите кои се занимаваат со увоз на нови автомобили. Очекуваме дека во текот на следниот период барањето ќе биде разгледано на владина седница, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Од друга страна и увозниците на стари возила се жалат дека продажбата секоја година опаѓа во споредба со 2010 година кога како резултат на одлуката за дозволен увоз на возила со ЕУРО 1 И ЕУРО 2 стандард во државата се внесени 51.399 употребувани автомобили.
– Секоја година се помалку и помалку се продаваат половни возила. Имаме пад во продажбата во просек за околу 50 проценти. Ако порано во просек се продаваа по 10 возила месечно, сега продажбата е падната на три возила, велат увозниците на стари возила.
Некои од нив истакнуваат дека се повеќе се бараат возила не постари од 2003 година, но оти такви не увезуваат затоа што немаат сметка да ги носат. Ставот на импортерите на нови возила и на увозниците на стари возила се дека засега нема да се подобри состојбата. Стабилизирање очекуваат за две до три години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Уште една европска метропола ги забранува старите автомобили
-
Неверојатни сцени: Поплава ги однесе сите џипови од салонот за автомобили, штетата е милионска
-
Фирмата „Деклус-ауто“-донатор на СДСМ повторно доби тендер за возила
-
Компании од Бразил добиле забрана за извоз на месо во Македонија поради небезбедно месо