| четврток, 6 декември 2018 |

Камерното дуо „Кадеша“ вечерва на „Охридско лето“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во 21:00 часот во црквата „Света Софија“ ќе настапи камерното дуо „Кадеша“ од Република Албанија.

Ова дуо го сочинуваат Флоријан Глемсер на пијано и Јонијан Кадеша на виолина. На програмата се дела од Бетовен, Шостакович, Бах и Прокофјев.

Со многубројните награди кои ги стекнува на интернационалните соло и камерни натпревари, младиот виолинист Јонијан Илиас Кадеша постојано докажува дека е еден од највозбудливите и најинтересните музичари на денешницата. Своето деби го има уште на 12-годишна возраст, кога заедно со Оркестарот на Тоскана го изведува Виолинскиот концерт бр. 2 на Хенрик Вјењавски. Дипломирал на Атинскиот конзерваториум „Лида Леуси“ со златен медал и посебни одлики. Своето образование го продолжува на Универзитетот за музика во Вурцбург, Германија, каде што во 2013 година ја добива својата уметничка диплома.

Флоријан Глемсер започнал да се образува на Кралската музичка академија во Лондон, под менторство на професорот Хејмиш Милн, а потоа своите студии ги продолжил на Високата музичка школа „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, во класата на професорот Григориј Груцман. Редовно настапува во различни камерни состави, а соработувал и со повеќе оркестри од неколку европски земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top