Сеуште е рано да се каже дали има или не епидемиолошка поврзаност на седумте случаи инфицирани со опасната бактерија листерија, велат за zdravstvo24 од Комисијата за заразни болести. Се собираат податоци и се прави сеопфатна анализа за да евентуално се најде изворот на бактеријата која досега зеде четири животи. Епидемиолози на терен прават епидемиолошки анкети. Се распрашуваат роднините на заболените што точно јаделе лицата кај кои листеријата предизвикала последици. Разговараат и со лекарите кои ги лекувале пациентите. Епидемиолозите велат дека периодот на инкубација на оваа бактерија трае и до 70 дена, што значи дека лицата може и пред повеќе од два месеци ја добиле бактеријата. Според досегашните првични сознанија речиси пациентите јаделе различна храна, некои имале и контакти со животни кои исто така може да ја пренесат бактеријата. Неофицијално кај двајца пациенти постои сомневање дека јаделе ист сувомеснат производ.
-За сите седум случаи за кои имавме докажано листерија епидемолози беа на терен и направија истражувања. Од ова епидемолошко истражување утврдено е дека само кај едно смејство имало и други заболени, но со гастроентерити, дијареа, неамле други проблеми, а кај еден завршило потешко и е сместен на Клиниката за инфективни болести. Од истражувањето се бараше и начин на исхрана на целото семејсто и на заболените со цел да се поврзе изворот на зараза. Таквите истражувања се прават и ќе се прават во иднина“, рече д-р Јованка Костовска, од министерството за здравство.
Во меѓувреме почнаа да се анализираат примероците од најразновидна храна и прехранбени производи кои од страна на инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство беа земени од повеќе производствени погони, месни индустрии, зелени пазари и магацици за чување на храна.
-Во Институтот за јавно здравје до утрово се пристигнати 100 мостри од месни производи, 28 мостри од млеко за доенчиња и 20 мостри од млечни производи. Анализи на мострите се прават и во лабораторијата на Институтот за јавно здравје и на Ветеринарниот факултет.
-Од првичните резултати, првите две се негативни мости, а останатите се уште се анализираат. Поконкретни резултати ќе имаме до петок, додава д-р Костовска.
Седумте случаи на бактеријата листерија за еден месец за надлежните е знак дека нешто се случило. Од комисијата за заразни болести велат дека будно се следи состојбата.
-Периодот е кус за да може да се каже дека ќе бидеме мирни и состојбата се смирува. Доколу не се јават нови случаи во следните месец или два, тоа ќе значи дека ова било инцидентно и ќе можеме да бидеме мирни. Состојбата се следи, вели д-р Костовска.
Министерството за здравство упати апел до сите здравствени установи сите потешки инвазивни форми на менингит и менингоенцефалит да се упатуваа на Клинката за инфективни заболувања, како претпазливост и навремено да се превземат мерки за евентуално новоинфицирани со опасната бактерија листерија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.