Грчките медиуми за најавената посета на Нимиц
Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за прашањето за името на Македонија Метју Нимиц ќе ги посети Скопје и Атина наредната седмица, јавија сите грчки медиуми, пренесува дописникот на МИА од Атина.
Засега без прогнози и коментари, медиумите само ја пренесуваат веста на државната агенција АНА-МПА која го цитира соопштението на ОН во кое се вели дека „целта на средбите е да се интензивираат разговорите под покровителство на ОН насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за името“.
Во Грција исто така се потсетува дека последната средба на Нимиц со претставниците на двете земји се одржа на 6 мај во седиштето на ОН во Њујорк, по што соопшти дека на почетокот на јули ќе ги посети двете земји.
– По средбата во Њујорк, претставникот на Грција, амбасадорот Адамантиос Василакис, за АНА-МПА изјави дека нема разлика во позициите на Македонија, велејќи дека Грција сака решение, но оти другата страна досега нема направено апсолутно ништо. Таа е на иста позиција како што беше во 1995 година, пишуваат грчките весници.
Грците исто така истакнуваат дека „во меѓувреме, со одлука на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, новиот амбасадор на Македонија во САД, Васко Наумовски ќе ги преземе должностите на претставник на земјата во преговорите под покровителство на ОН за изнаоѓање решение за прашањето за името“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.