| четврток, 6 декември 2018 |

Протестот во Солун за името Македонија во 1992 година (видео)

Се започна на 8 септември 1991 година, со осамостојувањето на Македонија. Уште тогаш Европска Заедница (ЕЗ), се држеше резервирано кон Македонија, иако таа беше единствена ЈУ република која доби позитивна оцена од францускиот правен експерт Робер Бадингтер. Македонија не беше призната од ЕЗ во 1992 г. заедно со Словенија и Хрватска, нити кога беше призната Босна и Херцеговина, иако последните две немаа контрола на својата територија поради војната која беснеше на просторот на поранешната СФРЈ.

Пред самитот во Лисабон во 1992 година, Грците извршија страшен притисок, организирајќи масовни протести во Атина и Солун, каде насобраната огромна маса Грци хистерично извикуваа „Македонија е грчка“.

Во текот на 1992 година Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и меѓународната конференција за поранешна Југославија, се согласија да ја примат Македонија под уставното име, но до разрешување на спорот со Грција да ја користат привремената референца: „the former Yugoslav Republic of Macedonia“. Истата терминологија е прифатена во јануари 1993 и од Франција, Шпанија, Обединетото Кралство.

Овој предлог проциркулира на 22 јануари 1993 од страна на Генералниот секретар на ОН – Бутрос Бутрос Гали. Предлогот е веднаш одбиен од Грчкиот министер за надворешни работи – Михаел Папконстантину. Во писмо до Генералниот секретар од 25 јануари 1993, тој вели дека: „користењето на терминот Република Македонија во било која варијанта, ќе создаде уште поголеми тензии и може да предизвика дестабилизација во регионот.“

Македонскиот претседател Киро Глигоров, исто така се спротиставува на формулата во писмо од 24 март 1993, каде што го информира претседателот на Советот за безбедност на ОН дека Република Македонија, не може да ја прифати референцата и Македонија доследно не ја користи референцата во ниедна форма. Дополнително се создаваат притисоци и од српска страна, бидејќи дел од националистите во Србија се обраќаа кон Македонија како кон Јужна србија, имплицирајќи на терминологија од пред Втората светска војна.

Двете страни се наоѓаат под силен дипломатски притисок да изнајдат компромис. Поддршката која Грција ја имаше добиено од НАТО и Европската заедница, почна да избледува. На 20 јануари 1993 данскиот министер за надворешни работи изјави дека грчката позиција е смешна и изрази надеж дека Советот за безбедност набрзо ќе ја признае Македонија и ќе и помогне. Грчкиот премиер, Константин Мицотакис, ја смени тврдата позиција и изјави дека Грција ја прифаќа привремената референца. На 7 април 1993, Советот за безбедност го одобри влезот на Македонија со Резолуцијата 817.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top