Првиот концерт на српската пејачка Светлана Ражњатовиќ Цеца во Охрид, всушност требаше да се одржува на 2 Август, но по реакцијата на локалната самоуправа е поместен за ден порано, објасни вчера охридскиот градоначалникот Никола Бакрачески, кој смета дека со ова се задоволени оние кои реагираа дека вдовицата на Аркан не треба да пее на најголемиот македонски празник.
– Локалната самоуправа не е организатор на концертот на Цеца. Ние им укажавме на организаторите дека Втори август не е погоден датум за организација на еден ваков концерт и дека Илинден е национален празник на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија и во духот на овој празник не би се вклопил еден ваков концерт. Тоа беше наше укажување и организаторите „План Б “ продукција го прифатија и го поместија концертот за еден ден порано на први август. Тоа што во овој настан е инволвирано ЈП „Билјанини Извори“ може да се подведе исклучиво под логиката на профит. Стадионот тие го издаваат за одреден финансиски надомест бидејќи претпријатието мора да наоѓа средства за нормално функционирање. Дваесеттина години на тој ден настапувале музички имиња од разни држави ние сега не можеме да правиме селекција на изведувачите ниту по етничка, религиозна, ниту по национална припадност.Не смееме да имаме селективен пристап во тој однос. Токму голем број од туристите кои летуваат во Охрид доаѓаат од Србија. Треба да внимаваме . И доколку забраниме на одреден музичар од Србија да настапува во Охрид, а истовремено на некои други странски музичари им го дозволиме тоа сметам дека тоа нема да им се допадне на гостите од соседна Србија. Ние не смееме да правиме потези кои гостите ќе ги одвраќаат од Охрид. Ние сме локална самоуправа за која туризмот е една од главните гранки од која собира приходи – рече градоначалникот Бакрачески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.