| четврток, 6 декември 2018 |

Откажани летови на американски и европски компании кон Израел

Американската Федерална управа за авијација (ФАА) денеска им забрани на сите авиокомпании од САД да летаат од и кон Израел најмалку еден ден поради ракетниот напад во близина на аеродромот во Тел Авив.

avion

Летовите кон Израел ги откажаа и водечките авиокомпании од Германија, Франција и Холандија.

ФАА соопшти дека забраната се однесува само на американските авиокомпании и новите инструкции ќе бидат дадени „штом условите го дозволат тоа“.

Германската „Луфтханза“ и францускиот „Ер Франс“ ги откажаа сите летови кон Тел Авив поради загрижувачката безбедносна ситуација.

„Луфтханза“ истакна дека ги откажува летовите на 36 часа, вклучувајќи ги и оние на нејзините филијали „Џерманвингс“, „Аустриан Ерлајнс“ и „Свис“. Како образложение германската компанија ја наведе загриженоста за безбедноста на патниците и екишажите.

„Ер Франс“ нагласи дека одлуката за откажување на летовите ја донела Службата за безбедност на компанијата и таа стапува во сила веднаш, а ќе трае се до следните упатства.

И холандскиот авиопревозник КЛМ ги откажа своите летови од Амстердам кон Тел Авив.

Претходно денеска американските авиокомпании „Делта ер лајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“ ги прекинаа летовите меѓу САД и Израел на неопределено време.

Компанијата „Ју Ес ервејз“ ги откажа денешните летови кон и од Тел Авив, нагласувајќи дека ја следи ситуацијата и зависно од тоа ќе донесе одлука за идните летови.

Израелската полиција потврди дека една ракета од Газа го погодила подрачјето во близина на аеродромот во Тел Авив, причинувајќи помала штета и притоа бил повреден еден Израелец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top