Соединети Држави, Обединето Кралство, Германија, Катар, Азербејџан и Казахстан – ова се новите цели кои ќе треба да ги освојат домашните туристички агенции. Носењето гости оттаму ќе се субвенционира од следната година. Ќе продолжи и досегашната поддршка за скандинавските, за државите од Бенелукс и од Далечниот Исток, објави Алфа.
За да добијат државна помош, туроператорите ќе мора да организираат аранжмани со најмалку три ноќевања и појадок.
-Ова е добра можност нашите туристички компании веќе да се поврзуваат, да размислуваат за соработка со туристички агенции од овие земји за да може да се обезбедат нови туристи и да се оствари двојна корист – самите агенции да ја зголемат својата профитабилност, а од друга страна и општата економија да има корист преку поголемиот број на туристи, а со тоа и преку зголемениот девизен прилив – изјави Александар Ѓоргиев, портпарол на Владата.
Државните субвенции и инвестициите во секторот веќе даваат ефект, вели првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Според Кристијан Џамбазовски ако во светот просечниот раст на оваа гранка е 5 отсто, во Македонија надминува и 10 отсто.
-Тоа ја раздвижува целата економија во Република Македонија и придонесува за нови работни места, раздвижува повеќе сектори и е нешто на што можеме да сметаме на подолг период… Туризмот има потенцијал да прерасне во основниот извоз на Република Македонија и како индустрија да ангажира најмногу вработени – вели Кристијан Џамбазовски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.
И статистиката мери раст на туризмот. Според најновите податоци на државниот завод, во мај во однос на истиот месец лани бројот на странски гости бил поголем за 13 отсто, а бројот на ноќевања за 14.3 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
180.000 туристи блокирани: До најпопуларните грчки острови денеска нема одење, прашање е кога ќе може
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)
-
Исцрпени се средствата, завршија субвенциите за ПВЦ прозорци и сончеви колектори
-
Министерството за култура почна постапка за укинување на субвенциите за песни



