| четврток, 6 декември 2018 |

Игор Стефановски – Иџе: Потребни се огромни финансиски средства за да се постигнат овие резултати

Игор Стефановски – Иџе е македонска легенда во автомобилизмот. Бројот на трофеите и на успесите на најуспешниот македонски автомобилист на сите времиња е навистина огромен – 13 шампионски титули, 2 златни кациги, Балкански шампион, Шампион на Централна Европа се само мал дел од постигнувањата во неговото шампионско потрфолио. Во моментов се натпреварува на Европското првенство во автомобилизам. За неговите успеси, подготовки, како и за идните желби и предизвици, одговара за Република:

Твоите успеси се нижат од 13 април, какви се подготовки правиш претходно?

Иџе: Техничките подготовки на возилото и кондиционите подготовки се прават пред започнување на шампионатот. Со тоа е завршен поголемиот дел од подготвителната фаза. Секако, пред секоја трка имаме дополнителни подготовки, кои варираат во зависност од временскиот период за време на трката.

Кој е твојот најголем предизвик за трките?

Иџе: Во овој спорт, како и во другите, нема константен предизвик – секогаш треба да се надградуваш и да целиш кон повеќе. Не постои врв кој не може да се достигне и не постои патека која е целосно завршена, секогаш постои таа желба да се постигне повеќе. Во овој момент предизвик ми е освојување на што поголем број први места на преостанатите трки од шампионатот, и секако, освојување на Европската шампионска титула.

DSC_1117

Каков е еден работен ден за Иџе?

Иџе: Не можам да кажам дека во мојата кариера постоеле исти денови – секој ден е различен и интересен сам по себе, секој ден носи нови предизвици и на работното место и надвор од него. Дванаесетте трки од овој шампионат се одвиваат во период од шест месеци, а некои од патеките се на оддалеченост и од 3500 километри од Македонија, во последните месеци сум повеќе надвор отколку дома. Подготовките и трките одземаат голем дел од моето време, меѓутоа во моментите кога сум дома, се трудам максимално да се посветам на моето семејство и пријатели, како и да најдам дополнително време за да се посветам и на обврските од мојот приватен бизнис. Понекогаш не е лесно да се постигнат сите работи, но со добра организација и пред се добра волја, ништо не е недостижно.

Како се одржуваш во форма?

Иџе: За овој спорт, како и за сите други е потребна голема физичка кондиција – покрај физички тренинзи, големо внимание посветувам и на исхраната, особено во периодот за време на трките и неколку дена пред тоа.
Во однос на подготовка на возилото, мојот тим е задолжен за постигнување на топ-форма на моето возило.

DSC_1179

Каде најчесто се релаксираш по натпреварите?

Иџе: Како сопруг и татко на две деца, како што веќе напоменав, сакам секој слободен момент да го поминам со моето семејство. По трките најчесто уживаме во убавините на македонските планини.

Финансиски колку е потребно за подготовка на натпреварите?

Иџе:  Автомобилизмот е исклучително скап спорт – квалитетно возило и дополнителна опрема знае да чини навистина многу пари. За комплетна опрема, со цел постигнување на добри резултати се потребни огромни финансиски средства – за подготовка на автомобилот, за техничка поддршка, за тимот, трошоци за подготовка, како и трошоци за целокупните патувања до трките. Крајната сума е навистина голема и потребен е голем ангажман за да се соберат посакуваните средства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top