
Во рамките на второто издание на „Битола Шекспир фестивал“, публиката вечерва во 20,30 часот во Народниот театар во Битола ќе има можност да ја погледне претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Џон Блондел, во изведба на актерите од Националниот театар во Тирана, Албанија.
Директорот на Театарот од Тирана, Ервин Чули на средбата со новинарите во Битола го истакна своето задоволство што имале можност да соработуваат со истакнат светски шекспиролог како што е режисерот Џон Блондел и посочи дека претставата која наишла на добар прием кај албанската публика е од најновата театарска сезона.
„Битола Шекспир фестивал“, манифестација која, со поддршка на Министерството за култура и општина Битола, беше востановена минатата година, е дел од мрежата на европското и светското семејство на шекспирови театри. Република Македонија лани беше единствена од земјите дури и во поширокиот регион која конципираше токму ваква манифестација, а од годинава ваков фестивал е етаблиран и во Нови Сад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


