
Џонсон Мети, Фени индустри, Југохром Фероалојс, Саса, Бучим, се петте компании кои вредносно оствариле најголем извоз од Македонија во 2013 година, додека повторно Џонсон Мети, кој увезува автомобилски делови и енергетските компании Окта, Лукоил, ЕФТ Македонија и ЕЛЕМ се на листата на најголеми увозници во Македонија во 2013 година.
Според податоците од Централниот регистар, петте најголеми компании извозници од Македонија се странски инвеститори, додека најголеми увозници се енергетските компании.
Фабриката на Џонсон Мети во Бунарџик е рекордер, односно е на прво место на листата и кај најголемите увозници и кај најголемите извозници во државата.
Џонсон Мети, Фени индустри, Југохром Фероалојс, Саса, Бучим се петте компании кои вредносно оствариле најголем извоз од Македонија во 2013 година, додека повторно Џонсон Мети, кој увезува автомобилски делови и енергетските компании Окта, Лукоил, ЕФТ Македонија и ЕЛЕМ се на листата на најголеми увозници во Македонија во 2013 година.
Оваа листа покажува дека странските инвеститори го билдаат македонскиот извоз, додека зависноста на државата од енергенси го билда увозот.
Според податоците од Државниот завод за статистика, извозот во 2013 година порасна за 6,6% на вкупно 4,26 милијарди долари, додека увозот изнесуваше 6,59 милијарди долари, што е раст од 1,1%, споредено со 2012 година. Според податоците на Заводот, вкупниот дефицит од трговската размена остварена минатата година изнесува 2,33 милијарди долари, што е за 176 милиони долари помалку споредено со дефицитот пресметан во 2012 година. Вкупната трговска размена во 2013 година достигна 10,8 милијарди долари и е раст од 3,4%.
Бројките говорат дека кај трговската размена по производи покажува дека меѓу најувезуваните стоки се катализаторите на Џонсон Мети, по што следи фероникелот, производите од железо и челик и облеката. Во увозот меѓу најувезуваниот производ е платината која пак му служи на Џонсон Мети за производство на катализатори, по што следат нафтените деривати, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.
Податоците на Народната банка за 2013 година покажуваат дека во 2013 година увозот на енергенси изнесува 1,07 милијарди долари, што е намалување споредено со 1,39 милијарди долари увоз на струја, нафтени деривати и гас во 2012 година.
Статистиката покажува дека лани во Македонија биле увезени нафта и нафтени деривати во вредност од 745 милиони долари, по што следи увозот на струја со 170 милиони долари, па гасот со 110 милиони долари увоз во 2013 година.
Податоците говорат за затвореноста на домашните производствени капацитети. Ако една компанија странски инвеститор која работи во една од слободните зони само за неколку години успее драстично да ја смени сликата за трговската размена во државата, тогаш станува јасна инертноста на домашните компании за поголем пласман и извоз на странските пазари.
Извозот од зоните над половина милијарда евра
Извозот од компаниите во слободните економски зони драстично се зголемува. Во првите шест месеци од годината од ТИРЗ остварен е извоз од над 550 милиони евра. Според податоците, извозот двојно е пораснат во споредба со истиот период лани. До крајот на годината, според прогнозите на првиот човек на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, извозот ќе достигне вредност од над 1 милијарда евра, пишува Вечер.
Главни двигатели на извозот од зоните се Џонсон Мети, компанија која во јуни рапидно го зголеми својот извоз, а од септември очекуваат нов извозен бум, кога компанијата ќе почне со работа во четвртата линија. Со полн капацитет ќе работат најдоцна до 2016, кога очекуваат извозот да им достигне 900 милиони евра. Во извозот голем удел имаат и Ван Хул, Џонсон контролс во Штип и американската Кемет електроникс.
-Континуирано се бележи пораст на извозот од слободните економски зони. Како што тече времето се повеќе и повеќе компаниите не само што вработуваат повеќе луѓе туку се зголемува и нивниот обемот на производството на компаниите, а истовремено се зголемува извозот од компаниите кои се надвор од индустриските зони како Дрекселмајер, Кромберг и Шуберт и Амфенол, кои започнаа со работа надвор од слободните економски зони – вели Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.
Лани извозот од слободните
економски зони опфаќаше 25% од вкупниот извоз на земјава, а годинава може да надмине и 30%, вели Мизо, а сето тоа води до намалување на трговскиот дефицит, но и нови вработувања. Со зголемувањето на производството ќе се стимулира и вклучување на домашните фирми како доставувачи за странските компании. Освен раст на извозот, од најавените странски инвестиции се очекува да се отворат и многу работни места и да се намали стапката на невработеност во земјава.
Најголеми извозници
-Џонсон Мети
-Фени индустри
-Југохром Фероалојс
-Саса
-Бучим
Најголеми увозници
-Џонсон Мети
-Окта,
-Лукоил
-ЕФТ Македонија
-ЕЛЕМ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


