| четврток, 6 декември 2018 |

Избегнете лошење при патување

Болеста на движењето, морската болест или кинетозата е всушност природна реакција на нашиот организам на движењето и се јавува кога движењето се перципира различно со различни сетилни системи.

Подложни на оваа болест се најмногу децата, а во возрасна доба, некои луѓе се поосетливи од други. Се смета дека околу 20% од популацијата пати од болеста на движењето. Без разлика дали се работи за возење со автобус, автомобил, воз, брод или авион, задолжително следи главоболка пропратена со вртоглавица, гадење и повраќање.

Како да ги ублажите и елиминирате симптомите?

Апчиња

Симптомите можат да се држат под контрола со апчињата Драмина, кои ефикасно го спречуваат гадењето, повраќањето и вртоглавиците предизвикани од болеста на движењето. Се препорачува земање една таблета половина час пред тргнување на пат за да може навреме да се апсорбира и во потполност да ги спречи симптомите.

Билен чај

Вечерта пред поаѓање направете билен чај кој го стимулира варењето, спречува гадење и главоболки. Во 2 дл зовриена вода ставете гранче мајчина душица, прстофат ѓумбир во прав и лажичка сушени цветови од глог. Поклопете, почекајте напитокот да се излади и испијте го. Оваа мешавина не се препорачува за бремени жени и деца под 8 години.

Тигрова маст

Во рачната торба задолжително ставете мало пакување тигрова маст. Непосредно пред тргнување нанесете мала количина на слепоочниците и нежно измасирајте се. Постапката можете да ја повторите неколку пати доколку се работи за долго патување.

Есенцијални масла

Сличен ефект ќе постигнете со мешавина од есенцијални масла од нане, лимон и бадем. Помешајте 10 капки бадемово масло со 5 капки есенцијално масло од нане и 5 капки есенцијално масло од лимон. Со оваа ароматична мешавина измасирајте го вратот и градите пред да тргнете на пат.

Напиток од варен ѓумбир

Ѓумбирот можете да го подготвите и на поинаков начин. Прелијте го со литар ладна вода, загрејте го до вриење, а потоа варете уште 2-3 минути. Можете да додадете цимет, нане и маточина. Промешајте, поклопете и оставете да отстои половина час. Процедете го и пијте мали голтки пред и во текот на патувањето.

Мириси и храна

И мирисот е многу битен фактор во создавањето или засилувањето на симптомите. На некои патници особено им пречи патувањето со автобус заради карактеристичниот мирис кој ги тера на повраќање. За да си олесните, избегнувајте јаки мириси при патување, како и тешка, мрсна, зачинета и обилна храна. Лесен оброк, кисели бонбони и грицкање крекери, како и мали количини негазирани пијалаци, најдобро вода, ќе ви помогнат да го избегнете лошењето и полесно да го поднесете долгото возење.

Поглед и позиција во возилото

Исто така секогаш настојувајте да го ускладите движењето со погледот и никогаш не патувајте наопаку. Во автомобилот сместете се на совозачкото седиште и гледајте во далечина за да ги намалите постојаните промени во вашиот видокруг. Не возете се одзади, секогаш гледајте пред себе и сконцентрирајте се на една точка на хоризонтот. Вочазот треба да вози што помирно и почесто да правите паузи.

Патување со авион и со брод

Ако патувате со авион, одберете седиште кое се наоѓа до прозор за да можете да го гледате движењето на пејзажот под вас, а ако патувате со брод, што повеќе време поминете на палубата гледајќи во ширината пред себе, тоа подобро. Исто така избегнувајте читање книги, играње видеоигри, пишување СМС-пораки, работа на лаптоп и слични активности кои би ви го одвлекле вниманието од прозорот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top