
Во скопскиот Кривичен суд денеска почна судењето на осумтемина обвинети за насилните протести кои се случија на 4 јули пред комплексот судови.
Едни тврдеа дека не биле дел од толпата која каменувала туку биле на кафе, или во близина на џамијата Јаја-паша или, како што кажаа, го бранеле овошјето на тезгите од полициските “алфи” објави весникот „Вест“. Дел признаа дека биле на протестот, но не фрлале тврди предмети ниту предизвикале инциденти. Сите ја негираа вината дека учествувале во толпа што предизвикала кривично дело.
– Стоев на тезга со овошје и го бранев од полициските ‘алфи’. Но тие ме приведоа – рече еден од обвинетите.
На денешното, прво рочиште како оштетени се појавија и претставници на двата основни суда. Претставникот на Кривичниот суд рече дека имал сознанија оти требало да се одржат мирни протести, но кога кон судот полетале првите камења вработените почувствувале страв од случувањата.
Претставникот на граѓанскиот суд потврди дека токму нивната зграда претрпела најголема штета и дека од камењата биле искршени неколку скапи стакла. Штетата од искршените стакла е проценета на повеќе од 25.000 евра. Претставниците на судовите побараа надомест за направената штета и се приклучија кон кривичниот прогон. Во протестите беа повредени 20 припадници на Министерството за внатрешни работи, од кои четворица се здобиле со потешки повреди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


