
Германските компании имаат доверба во кинескиот развој. Потпишаа низа договори со кинески компании. Но, колку вистински е стабилно кинеското стопанство? Посебно загрижува состојбата на пазарот на недвижнини.
Многу високи облакодери, секој има 20 спрата. Кој сака да знае зошто Кина троши 60 отсто од светското производство на бетон и вградува 60 отсто од сите вкупно произведени лифтови, одговор наоѓа во предградието на градот Хангзоу, на истокот на земјата. Тука се наоѓаат стотици нови згради. Но кога ќе се погледне малку подобро, паѓа во очи дека прозорците се празни, исто како и локалите. На зградите недостигаат станари.
– Дел од тие станови ги купиле луѓе од околните градови да ги инвестираат парите. Тие не живеат тука. И не ги изнајмуваат, бидејќи становите се уште не се готови. Тука нема ни внатрешни врати, ни тоалети – објаснува посредничката во продажба на недвижнини Ксу Меијун. Вели дека населени се само 30 отсто од новите станови.
Цените почнуваат да паѓаат
Становите кај Кинезите се омилена инвестиција. Тоа не е чудно, бидејќи со години цените на недвижнините постојано растеле, по 20 отсто годишно. Секако дека поради таа побарувачка постојано се граделе нови згради. Денес е јасно: во многу градови притоа е занемарена вистинската потреба за станбен и деловен простор. Во 2013 година во Хангзоу продадено е градежно земјиште во вкупна вредност од 16 милијарди евра. – Тоа е нов рекорд – вели експертот за недвижнини Динг Јианганг и додава: – Тука повеќе од 10 големи градежни проекти ќе ги изгубат вложените пари. Пазарот на недвижнини во Хангзоу е во сериозни проблеми.
Инвеститорите станаа внимателни и помалку купуваат. Цените почнуваат да паѓаат. Според податоците од 100 кинески градови, во 71 град становите се поефтини. Експертите предвидуваат дека тој тренд ќе продолжи и ќе доведе до корекција на постоечката нереална состојба. Единствено не е можно само да се предвиди колку ќе паднат цените. Големите метрополи како Пекинг, Шангај или Шенжен, тој нов тренд нема да ги погоди, бидејќи таму станови сеуште се бараат, вели претседателот на Европската трговска комора во Кина, Јорг Вутке.
Едноставен рецепт
Мислењето на експертите се разликуваат кога се работи за прашањето како таа криза на пазарот на недвижнини ќе се одрази на кинеското стопанство. Многу работи се на коцка. Трговијата за недвижнини е околу една петтина од кинескиот БДП. Голем дел од градежните проекти е финансиран од кредити на нерегуларни банки, кои парите ги позајмуваат и на тие кои не е сигурно дека ќе можат да ги вратат. Ако таквите банки во сенка не успеат да ги наплатат своите побарувања, тоа сериозно ќе го разниша тој нерегуларен банкарски сектор. А кризата сигурно ќе се пренесе и на државните деловни банки. Кинеската влада може да ја спречи таа криза со регулирање на сивиот банкарски пазар, но тогаш ќе пресушат и кредитите, што пак негативно ќе се одрази на стопанскиот раст.
Експертите велат дека рецептот е едноставен. За да се спречи кризата, мора да се намали изградбата на нови станбени и деловни простории. Но локалните управи, кои во голем дел се финансираат од такви проекти, и понатаму продаваат градежном земјиште. И ризикот расте. На крај може да избие стопанска криза.
Секако, во случај на криза на пазарот на недвижнини никој не смета на стопанскиот колапс на Кина. Но официјалната цел за стопански раст од 7,5 отсто, во тој случај ни од блиску нема да може да се оствари.
Дојче веле – Бон
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кина најпосакувана туристичка дестинација во наредното десетлетие
-
Кина: САД ни држат нож под грло во трговскиот спор
-
Уште сме на почетокот: Проблемите во економијата ќе продолжат да се продлабочуваат
-
Мерките на владата поразителни: Лелеци во текстилната и кожарската индустрија која вработува 40.000 луѓе


