| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува кампањата „Откриј го Крушево“

Кампањата „Откриј го Крушево“ ќе се реализира со заеднички сили на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за развој на пелагониски плански регион, проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и општина Крушево. Со цел порамномерен развој, Агенцијата има предвидено бројни проекти, но со ова сакам да го најавам и стартот на проектот за развој на туризмот во областа на слободното летање со параглајдери и делтаплани во Република Македонија, кој ја почнува својата реализација токму од Крушево, а ќе опфати и други региони во Република Македонија, изјави Џамбазовски. Главната цел на овој проект е развој на параглајдерството и популаризација, привлекување на туристи, но и зголемување на безбедноста со подобрување на техничките услови за летање со параглајдери и делтаплани. Со реализација на овој проект ќе се збогатат спортско-рекреативните содржини и ќе се поттикне развојот на туризмот, а Крушево ќе стане меѓународмо познат центар за летање со параглајдер. Би сакал накратко да потсетам дека Крушево е град-музеј за што сведочат и знаменитостите, кои му даваат на градот огромна туристичка
вредност – вели Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

krushe10

За настанот во Крушево има веќе подготвена богата програма која со сигурност ќе успее да ви го задржи вниманието во текот на целиот ден, нема да го почувствувате времето како ве одминува, рече директорот на Центарот за развој на пелагонискиот плански регион, Емилија Ѓероска.

– На самиот ден, со однапред купен лоз од симболични 100 денари, имате потенцијална можност да летате над Крушево со параглајдер. Останатите, пак, ќе можат лесно да ја следат мапата со настани, која ја подготививме специјално за овој настан и да го искусат традиционално Крушево. За нив има обележани пешачки и велосипедски патеки, јавање со коњ, локуми подготвени по тајниот крушевски рецепт, но и едно кратко пловење низ крушевската традиција на рачниот вез, кој е дел од моделите на Версаче и приватната колекција на Сандра Булок. Во текот на денот гостите ќе имаат можност да се забавуваат со музичкиот репертоар на бендови „Љубојна“ и „Суперхикс“, низ кој ќе ве водат Петар и Ана од Метрополис, додаде Ѓероска објаснувајќи дека картите за лотаријата можат да се набават на kupikartiza se.com.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за развој на пелагониски плански регион, проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Општина Крушево упатија јавна покана до сите граѓани на Република Македонија да дојдат и да го откријат Крушево со сиот потенцијал што го има во него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top