Третиот ден на второто издание на „Битола Шекспир фестивал“ вечерва е резервиран за Националниот театар од Истанбул, Турција кои ќе се претстават со монодрамата „Хамлет“ во режија на Ишил Касапоглу, дело кое својата прва меѓународна изведба ја има токму во Македонија.
На денешната средба со новинарите, познатиот турски режисер Касапоглу го изрази своето изненадуваше што во мал град како Битола се етаблираше меѓународен фестивал посветен на творештвото на Шекспир. Тој посочи дека за секој актер фестивалите посветени на Шекспир се многу привлечни, бидејќи за актерите, прославениот англиски драматург претставува метафора за божество.
Актерот Булент Емин Јарар кој ја толкува насловната ролја во монодрамата која својата премиера во Турција ја имаше во октомври минатата година, најави добра претстава со мошне специфична сценографија и посака исто како што Шекспир живее со векови, така и фестивалот во Битола да опстојува и во иднина.
Со новинарите денеска се сретна и актерската екипа на претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Џон Блондел, а во изведба на Националниот театар од Тирана, Албанија кои на фестивалската програма ќе се претстават во вторник. Директорот на Театарот од Тирана, Ервин Чули го истакна своето задоволство што имале можност да соработуваат со истакнат светски шекспиролог како што е режисерот Џон Блондел и посочи дека претставата која наишла на добар прием кај албанската публика е од најновата театарска сезона.
Директорот на Народниот театар од Битола, Валентин Светозарев, поздравувајќи ги гостите, потсети дека токму Битолскиот театар е првиот театар во Македонија кој на македонски јазик го има поставено Шекспир и тоа делото „Хамлет“. Тој додаде дека Битола во македонската театарска историја е препознатлива и има дадено уште двајца актери кои ја толкувале ролјата на Хамлет, и тоа Ѓорги Јолевски и актуелниот битолски
градоначалник, Владимир Талески.
Второто издание на „Битола Шекспир фестивал“ кое се затвора на 26 јули, се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и општина Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.