| четврток, 6 декември 2018 |

Гончарук: Има непобитни докази дека руските сепаратисти го урнаа малезискиот авион

jurij-goncaruk-ukrainski-am

Малезискиот авион е урнат со систем кој сепаратистите го добиле од Русија и за тоа постојат непобитни факти, тврди амбасадорот на Украина во Македонија Јуриј Гончарук. Според него, Русија од една страна крева рака за дипломатско решение на спорот, но од друга страна транспарентно ги вооружува сепаратистите.

– Позади уривањето на Боингот 777 стои една голема трагедија за која многу се пишува, се зборува, се докажува, се негира, но ние имаме факти за меѓународниот тероризам поточно за тероризмот на некои конкретни сили. Знаете дека во моментов во Украина не е едноставно. На Истокот се водат силни борби. Украинската војска се бори со сепаратистите помогнати од надворешна сила која има втора најсилна војска во светот. Тоа е проблемот кој за жал се одолговлекува и она што се случи со Боингот 777 е последица на оваа поддршка. Логиката за развојот вели дека терористите кои се борат со украинската војска делумно ја надминуваат моќта на украинската војска. Тоа е резултат на постојаното вооружување, тешка техника која се испорачува и жива сила која доаѓа од страна на Руската федерација. За жал го имаме тоа што го имаме, вели Гончарук за Пресс 24.

Амбасадорот тврди дека сите податоци покажуваат дека авионот бил урнат од територија која е под контрола на терористите.

– Нашата служба за безбедност на Украина изјави дека има непобитни факти дека се работи за систем кој пристигнал од територија на Русија. Тој факт беше потврден и од САД, тоа го потврдуваат и снимки кои ги поседува украинската страна и уште еднаш потенцирам дека има сработено логика за војна. Украинската армија во овој реон нема средства за противвоздушна одбрана. Таа потреба ја имаат сепаратистите за да се справат со украинската авиација. На 15 и 16ти јули беше урнат транспортен и воен авион на Украина на висина која ги надминува можностите на противвоздушната одбрана на сепаратистите. Тоа значи дека се појавило ново оружје, вели тој.

Гончарук ги обвинува сепаратистите кои ја контролираат областа во која падна авионот дека се обидуваат да ги заташкаат доказите кои би ја разјасниле сликата за трагедијата.

– Авионот паднал на територија окупирана од сепаратистите. Истиот ден претседателот на Украина побара формирање Државна комисија која би го расветлила случајот и оваа трагедија. Во оваа Комисија би помогнале меѓународните организации и меѓународните експерти, Холандија, Малезија и други држави. Ние сме подготвени за тоа. Но, сега се случуваат неразјаснети работи во областа каде падна авионот. Се работи за пристапот на претставниците на ОБСЕ до остатоците и телата, црните кутии, од самиот почеток не им дозволуваа пристап, правеа необјасниви работи со телата, ги снемуваше па ги враќаа, делови од авионот се исчезнати. Се прават некои активности за да се замати сликата за истражување. Разјаснувањето на целата слика , собирањето на сите делови, обдукцијата на телата , пронаоѓањето фрагменти од ракети и слично целосно би ја разјасниле сликата. Во тоа е и проблемот. Не знам дали разбирате што прават. Тие се обидуваат д а го постигнат спротивното и потврдуваат дека имаат улога во она што се случило, вели амбасадорот на Украина во Македонија кои во исто време изразува очекување дека светот ќе делуваа поодлучно по оваа трагедија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top