Во Основниот суд Скопје 1 денеска започна судењето на осумтемина демонстранти кои протестираа поради пресудата за случајот „Монструм“, а се обвинети за учество во толпа што ќе изврши кривично дело.
Јавното обвинителство ги товари лицата Ф.З., А.Р., М.Б., Р.В., А.А., Е.И., И.М., и Р.Б за насилство на протестите спрема полициски лица во кој беа повредени 20 полицајци, од кои четворица заработија тешки телесни повреди и за оштетување на имотот на Основниот суд Скопје 1 и Скопје 2 во вкупна вредност од преку еден милион денари.
Сите обвинети се изјаснија како невини, а одбраната смета дека обвинителство нема цврсти докази против обвинетите и тврди дека некој од обвинетите лица воопшто не се наоѓале на местото на настанот, додека дел од нив биле само физички присутни во околината и мирно протестирале.
Во судот, покрај исказите на бранителите, беа сослушани и претставници на Основниот суд – Скопје 1 и 2 кои се јавуваат како оштетени во процесот. Еден од претставниците на судот истакна дека толпата на демонстранти искршила околу 40 прозорци кои биле многу скапи и поради тоа судот се приклучува на отштетното побарување истакнато во обвинението и се приклучува кон кривичниот прогон на толпата.
Судскиот процес продолжува и утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



