Во тек е конкурс за прием на студенти во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Македонија за студиската 2014/2015 година за која се предвидени вкупно 5.956 слободни места. Распределбата на леглата ќе се врши согласно Законот за студентски стандард, според кој, предност се дава на студенти кои потекнуваат од социјално загрозени семејства кои имаат потреба од помош и поддршка на државата во овој дел, како и за студентите кои имаат висок успех.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за образование и наука Адбилаќим Адеми, кој рече дека очекува правична и фер распределба на студентските легла. Согласно Законот, посочи министерот, студентите се делат на три категории за кои се определува одреден број проценти од вкупниот број легла.
– Првата категорија се студенти од ранливите групи односно семејства чии вкупни приходи не ја надминуваат нето минималната плата утврдена во Македонија и за кои државата целосно ги надоместува трошоците за сместување и исхрана во студентските домови. Опфатеноста на оваа категорија студенти е до 40 отсто од вкупниот број легла во домовите, потенцира Адеми.
Појасни дека во таа категорија се студенти со статус на деца без родители и родителска грижа, со посебни потреби, деца на корисници на социјална помош и постојана парична помош, деца на самохрани родители, на невработени родители, на корисници на надоместок по основ на престанокот на работниот однос од деловни причини за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во Македонија.
Во оваа група, нагласи, спаѓаат и студентите со еден од наведените статуси за кои вкупните приходи во семејството се над нето минималната плата утврдена во Македонија и кои плаќаат за сместувањето и исхраната во студентскиот дом каде добиле легло.
– Втората категорија се студенти кои постигнале особено висок успех во текот на досегашното учење. Опфатеноста на оваа категорија студенти е до 25 отсто од вкупниот број легла во домовите. Третата категорија се студенти кои не се опфатени во претходните две категории, за кои ќе се распределат до 35 отсто од вкупниот број легла во домовите. Дваесет отсто од вкупниот број расположливи места во студентските домови се обезбедени за студенти кои првпат ќе бидат запишани на прв цикус студии на јавните и приватните универзитети и високо образовните установи во Македонија, рече Адеми.
Пријавувањето, посочи министерот, се врши електронски со пополнување пријава поставена на интернет порталот smestuvanje.mon.gov.mk. Рокот за електронското пријавување на студентите од втора година и повисоките години ќе трае до 10 август, додека рокот за електронското пријавување на студентите од прва година почнува од 19 и трае до 24 август.
Тој информира дека подетални информации за потребните документи и за роковите за нивно доставување до Комисијата за прием и проверка на документацијата во рамки на Министерството се наведени во конкурсот објавен во печатените медиуми и на интернет страницата на Министерството.
– Конечниот список за прием на студенти од втора година и повисоките години ќе се објави на 29 август, додека конечниот список за прием на студенти од прва година ќе биде објавен на 5 септември на огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на интернет порталот smestuvanje.mon.gov.mk, по што во рок од пет дена од денот на објавување постои можност за доставување приговор до архивата на Министерството, истакна Адеми.
По објавувањето на конечните списоци со примени студенти по домови доколку останат непополнети сместувачки капацитети во одреден дом, укажа министерот, електронското пријавување ќе продолжи се до нивното пополнување, но најдоцна до 22 септември.
– Оваа година новина е тоа што достапни за користење се новите сместувачки капацитети во рамки на студентскиот дом „Стив Наумов“ каде ќе можат да се сместат 138 студенти, а за чија изградба и опремување Министерството за образование и наука издвои речиси 103 милиони денари. Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ годинава во конкурсот не е понуден само блокот Б, кој најпрво ќе се реконструира за што деновиве ќе се потпише договор со изведувачот по што ќе почне реализација на активностите, додаде Адеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.