| четврток, 6 декември 2018 |

Деведесетгодишниот велешанец бил убиен со камен во глава, обдукцијата ја потврди насилната смрт

veles

Старецот, кој беше пронајден во четвртокот попладне во Велес, бил убиен со камен. Според официјалните иформации, се работи за 90-годишниот Јован Цилаков, чие тело беше пронајдено од случајни минувачи во школскиот двор на гимназијата. Цилаков имал видливи повреди на главата, а обдукцијата покажала дека Цилаков починал од насилна смрт, резултат на повредите здобиени од удари со камен во главата. И лицата кои го пронашле сметаат дека старецот е убиен, оти неговата глава била толку повредена, облеана во крв и не можеле да го препознаат.

– Старецот седеше на клупа близу до зградата. По некое време стана, најверојатно отиде за мала нужда во грмушките. Го немаше некое време. Шеширот и бастунот беа на клупата. И кажавме на друга жена која се познаваше со него, да отиде да види каде е – вели за „Утриски весник“ една од жените која во тоа време била на просторот каде што се случило убиството. Жената која го познавала старецот отишла да го бара и го нашла Цилаков како лежи облеан во крв.

– Човекот беше повозрасен и лежеше во грмушките, повреден на главата, со многу крв. Се исплашив и побарав помош од минувач кој беше близу. Тој викна полиција и доктори – вели велешанката која го пронашла трупот. Телото на убиениот Цилаков лежеше повеќе часови во дворното место на гимназијата близу до оградата од новата црква, додека работеа увидните екипи. Ден потоа просторот беше исчистен, сѐ беше собрано како доказен материјал. Само големата крвава дамка и дупката од главата каде лежел старецот се сведоци за убиството. Големината на дупката говори со колку голем камен и како силен удар Цилаков бил усмртен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top