Ако се зборува за фестивалот „Охридско лето“, сигурно е дека долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува кон сознанието дека таа се потпира на нешто што навистина претставува голема традиција. А, таа традиција извира од местото што е дадено од Бога, од градот Охрид – духовната престолнина на Македонија, град на древноста, со волшебно сино езеро, град со долговековна културна историја со вредностите на античката цивилизација, град со првиот сесловенски универзитет во Европа, град на Самуиловото царство и најпосле град–репрезент на целокупната македонска културна и духовна историја.
И затоа, не случајно во овој град во далечната 1961 година, на 4 август, среде лето, под сводовите на катедралната црква „Света Софија“ оперската певица Ана Липша Тофовиќ го означи почетокот на фестивалот кој подоцна ќе го носи официјалното име „Охридско лето“. Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот соработник, пијанистот Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржани од неколку видни граѓани од Охрид и македонски културни работници, покажаа дека семето е посеано на плодна почва и дека од него ќе се роди манифестација со комплексно значење. Така почнува приказната што се вика фестивал „Охридско лето“.
Во 2000 година и во 2001 година фестивалот го доби тоа за што мечтаеше. Се открива локалитетот Антички театар како најголем сценски простор. И тука во 2001 година, со свечено отворање на фестивалот со премиера на спектакуларниот драмски проект на Иван Поповски, „ Маседуан“, се промовира најголемата и најатрактивна летна сцена со капацитет од околу 3.000 посетители. Со тој сценски простор, несомнено, фестивалот добива една друга димензија во насока на збогатување на своите програмски содржини. Особено за содржините на свечените отворања кои бараат масовност и спектакл. Оттогаш, сите свечени отворања на фестивалот се одвиваат на сцената на овој волшебен простор.
Годинава на Античкиот театар во Охрид е поставена покривна конструкција чија цел е да ја заштити сцената од надворешни влијанија. Проектот за покривање на сцената ќе овозможи унапредување на условите за реализација на програмата на фестивалот „Охридско лето“, како и на други музичко-уметнички настани и манифестации што се одвиваат во градот во текот на целата година.
На свеченото отворање Барбара Фритоли – сопран (Италија) и Лео Нучи – баритон (Италија) ќе настапат заедно со Македонската филхармонија, под диригентската палка на Луис Горелик (Аргентина).
Античкиот театар во Охрид е лоциран во подножјето на источната страна на охридскиот рид, под Самуиловата крепост, во близина на Горна порта, од каде што се доловува незаборавна глетка на Охридско Езеро и на планините што го опкружуваат. Театарот бил изграден пред два милениума, во периодот на доцниот хеленизам, а бил преадаптиран веднаш по римските освојувања на овие краишта. Првите податоци за постоењето на овој театар се јавуваат во литературата кон крајот на 19 век и во почетокот на 20 век. Имало обиди да се открие овој театар, но сѐ се завршило со делумни ископувања кои не дале соодветни резултати. Сондажните ископувања од 1960 до 1962 година, од страна на археологот Васил Лахтов, помогнале да се одредат локацијата и големината на театарот. Систематските работи во 1977 година ги почнал археологот Владо Маленко и по прекинот од шест години ги продолжил во 1984 година. Археологот Владо Маленко целиот Антички театар, со просторот на сцената, го открил пред одржувањето на 45. меѓународна манифестација „Охридско лето“. Секако, еден од значајните податоци се вклесаните имиња на посетителите на претставите на седиштата од театарот. Најверојатно, тоа се имиња на посетители што имале закупени места во овој театар.
Првите претпоставки за постоењето театар во античкиот град Лихнидос ги дал рускиот историчар на уметноста Кондаков во 1900 година.
Тој ги видел двете релјефни плочи на Дионис и музите, откриени во атарот на црквата „Св. Богородица Болничка“, коишто потсетуваат на театарските претстави и, секако, дека своевремено претставувале дел од декорот поставен во театарската зграда.
Театарот е откриен во централниот дел на Варош, во 1935 година од археологот Никола Вулиќ и во текот на археолошките ископувања во 1959-1960 од охридскиот археолог Васил Лахтов.
Според анализата на натписите пронајдени во театарот, се претпоставува дека тој бил изграден во античко време и служел за театарски претстави – драми, а со освојување на градот од страна на Римјаните, театарот служел за гладијаторски борби. Него го краселе бројни скулптури и релјефи, кои се сочувани до ден-денес. Особено внимание заслужуваат двете релјефни плочи, каде што се претставени богот Дионис и музите-заштитнички на поезијата и на театарските игри.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“