Ниту збор за убиените невини петмина во велигденскиот масакр ниту збор за кршењето на судската зграда и за физичките напади врз полицајците, кои мирно стоеја додека група насилници во месецот на Рамазан ги клоцаа и удираа, а подоцна ги гаѓаа и со камења од кои може да се загуби и живот. Ако се работи само за повод во кој е искажана фрустрација собирана со години и незадоволство од третманот на Албанците по 2001 година, треба да се каже искрено, без да се манипулира, но ако се зборува конкретно за настанот, мора да се зборува конкретно и аргументирано, во спротивно секоја идна дебата ќе биде залудна.
Никој не ја спори пресудата
Ако ја земеме Америка како земја која како идеал ја гледаат и Албанците и Македонците, на насилството ќе му претходеше сериозна јавна расправа како таа кога познатиот актер О Џеј Симпсон си ја уби сопругата, но на крајот не беше осуден само за да не се иритира афроамериканската заедница во САД. Дебатата ќе содржеше сериозни аргументи кои ќе беа против позициите на обвинителството. Во неа познати адвокати-кривичари ќе дискутираа за алибито на осудените, поранешни судии можеа да тврдат дека обвинителката Гешковска згрешила во процедурата. Активни или поранешни членови на судските институции од албанскиот блок ќе ја наведуваа јавноста дека доказите земени преку ДНК не биле валидни. Претставници на невладиниот сектор ќе цитираа слични процеси од светот, експерти за човекови права и адвокатите на сторителите на велигденскиот масакр ќе тврдеа дека судот направил конкретни материјални грешки во процесот. Медиумите на албански јазик или медиуми блиски на нив можеа да ја најдат пресудата или обвинителниот акт и да најдат спорни моменти во пресудата, а некој трет можеше да каже дека аудиоматеријалите во кои се зборува за убиството кај Смилковско Езеро се фалсификувани.
Но, за жал, не се случи ништо од тоа. Никој, особено не во македонските медиуми, не зборуваше за материјални повреди на процесот или за недостиг од докази. Не чувме ништо повеќе од старата приказна дека „невини Албанци се осудени од славомакедонскиот режим, кој нема друга работа и само брка Албанци за да ги затвори доживотно“.
Напротив, со насилството на улиците во Скопје и во Тетово тие што демонстрираа само им потврдија на обвинителството и на судијата дека се во право. Впрочем, најдобар сојузник им се токму двајцата обвинети што Косово не сака да ги екстрадира, а кои однапред го прогласија судот за неправеден. За каков вид демонстранти и за каков вид правда се работи подобро се виде на едно од видеата што беа објавени на порталите, каде што се забележува како толпата, веројатно препознавајќи некој што не е со истите убедувања, верска или етничка припадност, почнува да го удира со тупаници и со клоци. Се разбира, ниту еден медиум или невладина организација, а уште помалку политичар, не проговори за тоа насилство, кое најдобро покажа каква правда може да се очекува од тие што демонстрираа во име на неправдата.
Кој може да го наследи Али Ахмети?
Единствена нова работа во целиот случај е што сега, 13 години по Охридскиот договор, покрај македонскиот дел од владата, на тапет се и албанскиот партнер ДУИ и лидерот Али Ахмети. Свесни дека ако продолжат протестите, за неколку недели од оние рекордни 153 илјади гласа ДУИ може да остане на половина или помалку, па Ахмети веднаш побара враќање на постапката на првостепена инстанца и меѓународен надзор на судскиот процес. Иако, најверојатно, Ахмети точно знае кои се сторителите и затоа молчеше досега, добро е што побара странци да ги прегледаат сите наводи и аргументи на обвинителството. Проблемот што сега го има Ахмети е тоа што странците подобро знаат од нас дали скопскиот кривичен суд греши и што дури иако има таков надзор (со што Македонија индиректно ќе признае дека верува во своето судство), тој на своите сонародници мора да им каже дека нема грешка во пресудата и дека ќе мора да живеат со неа.
Исто како што Никола Груевски пред неколку години го стори истото со хашките случаи кога во името на соживотот беше простено нешто што не се простува по ниедна дефиниција на правото и на животот воопшто. Исто како што Груевски со ниту еден збор не го спомена гостиварскиот полицаец кој, според Македонците, во самоодбрана пукаше и уби двајца свои сограѓани. Истиот човек е осуден на доживотен затвор и за него не протестираше никој, уште помалку некој кршеше судови или напаѓаше полицајци и општински канцеларии.
Затоа сега Али Ахмети, ако навистина верува во оваа држава, ќе мора да каже јавно што мисли за случајот „Монструм“, но не во политички контекст туку во правен, и со тоа нема да врши притисок, доволно е само да го консултира министерот за правда што беше негов предлог и да каже дали и сега Македонците ги судат Албанците само затоа што ги мразат, како што тврдат многумина деновиве.
Тоа, всушност, е и најголемиот проблем во насилството. Полицајците и демонстрантите не се во тешка здравствена состојба. Нивните рани ќе залечат. Но, манипулацијата што беше сторена со протестите, веројатно, никогаш нема да запре. Тие што знаат како функционираат социјалните мрежи, знаат дека по принципот на комбинирани центрипетални и центрифугални сили на повеќе нивоа лагите поврзани со протестите за „Монструм“ ќе живеат со години и ќе креираат низа групи и подгрупи на религиозна и на етничка база, кои во наредниве години може да бидат опасност и за соживотот, но и за функционирањето на државата.
Така, на пример, објавата на „Твитер“, во која се тврди дека Албанците во Македонија се малтретирани само затоа што се дел од исламот и дека муслиманите во земјава, и тоа жени и деца, се носат во специјални кампови, во иднина ќе биде прикажана како апсолутна вистина, особено во исламските кругови каде што тешко може да стигне вистинската информација за тоа што, навистина, се случува во Македонија.
Објавувањето слики на „Фејсбук“ и на традиционалните медиуми, во кои се гледаат полицајци и еден демонстрант со крвава глава, при што не се открива што е вистинската драма зад сликата, може да ангажира стотина други луѓе во наредните протести. Од нив ќе произлезат десетина нови слики што ќе мобилизираат други стотици луѓе и на крајот нив ќе треба да ги смирува некоја политичка гарнитура или протестите ќе прераснат во нешто друго. Со тоа, веројатно, ќе биде исполнета целта на тие што сега стојат зад протестите во градовите каде што живеат значителен број Албанци.
Најголем дел од тие што ги поддржаа протестите тврдат дека протестите немале верски карактер, но тие немаат објаснување зошто инцидентот тргна од џамија по петочна молитва, а беа истакнати исламски знамиња, притоа, покрај слогани со етнички албански предзнак за голема држава, се извикуваше и „Алаху екбер“, што нема никаква логика. Познавачите на состојбите во македонската политика од албанскиот блок се свесни дека верските симболи во протестите им нанесуваат штета на Албанците пред западните сојузници. Големиот број Албанци што се борат и гинат на сирискиот и на ирачкиот фронт е опасност за одличните односи меѓу Албанците и Вашингтон. Апсењата што ги спроведоа Косово и Албанија во последниве две недели за да се идентификуваат луѓето што регрутираат и испраќаат борци за Исламската држава на Ирак и Левант, можат да ги спасат тие односи, но не и да ги стабилизираат целосно, особено ако се точни најавите за напади врз инсталации на САД во Косово, како што пренесоа косовските медиуми.
Истите тие луѓе по кои сега се трага во Албанија и во Косово се опасност за иницирање нов македонско-албански конфликт, но и за нов внатрешен албански конфликт, од што се плашат и домашните и странските безбедносни служби. Некои процени велат дека умерените Албанци муслимани ја губат битката со радикалните струи, кои се силни особено по сириските и ирачките искуства, и дека со парите што доаѓаат од неколку земји тие во иднина би можеле да станат сериозна политичка сила во Македонија.
Веројатно ова сценарио не е поврзано со повикот за формирање нова политичка партија во Македонија, кој беше промовиран пред околу еден месец, но факт е дека со слабата кондиција на ДПА, која освои мал број гласови на последните избори во албанскиот блок, и со кризата во која влезе ДУИ со последните протести се создава простор за нов политички субјект. Тоа што загрижува во овој контекст е фактот што секогаш кога има тектонски нарушувања на албанската политичка сцена, секоја наредна гарнитура е порадикална од претходната. Па, така ПДП ја замени ДПА, Тачи и Џафери беа премногу „меки“ и нив ги наследи ДУИ, а сега не чинат и тие што со оружје в рака во 2001 година им донесоа на Албанците подобар статус и за кои сите беа уверени дека ќе бидат вечни херои. Од овој аспект многу е тешко да се претпостави каков вид радикализам ќе промовира следниот политички субјект, кој ќе мора да се појави ако рејтингот на ДУИ продолжи вртоглаво да паѓа. Иако тоа ќе значи нарушување на одличните сеалбански односи со Вашингтон, вметнувањето верски елементи во политичката платформа на овој субјект се чини дека во моментов би имало најголем ефект за евентуалната политичка партија во албанскиот блок.
Триумфализмот зад протестите
Нема прецизни аргументи за тврдењето дека Албанците прерано почнаа да ја прославуваат демографската победа против Македонците, која за многумина од нив е веќе завршена работа. Ако се суди според социјалните мрежи, каде што сѐ повеќе кавгите на етничка основа завршуваат со закана дека за 20 години Македонците ќе бидат малцинство и ќе немаат каде да одат, тогаш јасно е дека таквиот триумфализам, во кој Македонецот се гледа како губитник на среден рок, е присутен. Набљудувајќи ги Македонците како малцинство на албанските територии, голем број од нашите сограѓани не можат да сфатат дека таквиот однос води кон неминовен конфликт во кој, се разбира, нема да има само двајца непријатели, туку во него, како што потврдува историјата, ќе учествуваат сите што имаат некаков интерес на овие простори. А, такви има премногу. Ако тоа се случи, ќе страдаат и Македонци, но ќе страдаат и Албанци, ќе страдаат сите. Затоа, пред да се кршат институции и пред да се нападне полицаец, добро е да се помисли дека никој не излезе да протестира иако најголем дел од Македонците се убедени оти гостиварскиот полицаец сакал да го одбрани своето семејство кога пукал во двајцата комшии. И, пред сѐ, да не се заборави дека во ниту еден конфликт досега, особено на Балканот, немало победник. Ќе гинат сите, и тие што го почнале конфликтот, и тие што мислат дека нивните се на безбедно, и тие што се убедени дека се непобедливи во вооружен судир.
(објавено во 97. број на неделникот „Република“, 11.07.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.