
Туристите што годинава одмораат на струшкото крајбрежје, покрај за плажите, голем интерес покажуваат и за посета на црквите, музеите и на културните настани.
Валентина Переска од подрачната единица на Агенцијата во промоција и поддршка на туризмот во Струга смета дека руралниот туризам е неизбежен дел од посетата на струшкиот регион.
– Поголем дел од туристите се интересираат за културните настани. Ги посетуваат пештерските цркви со кои изобилува регионот, патот Виа игнација, изворите во Вевчани, музејот „Д-р Никола Незлобински“, кој е најстар во Македонија… – изјави Переска.
Таа додаде дека се работи и на развој на планинскиот туризам, каде што се обележани и велосипедски патеки.
Странските гости, меѓу кои најприсутни се Холанѓаните, се импресионирани од црквата „Света Богородица“ во Калишта и пештерската црква „Свети Архангел и Михаил“ во Радожда, како и убавината на Вевчанските извори.
– Вевчанските извори се посебни, а има убави цркви во Калишта и во Радожда – изјави Дирк де Јонг, турист од Холандија.
Туристичките работници во своите аранжмани нудат и посета на алтернативни места, што претставуваат атракција за гостите, кои одмараат на струшката ривиера. Покрај природата и гостопримството, според угостителите, гостите ги привлекуват и новите идеи и креативните понуди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


